1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренесанса на национализмот во Унгарија

Кено Версек/Борис Георгиевски1 јуни 2012

Национализмот е во пораст во Унгарија. Во училиштата ќе се учи фашистичка поезија, се ревидираат историски договори, односите со соседите се на најниско ниво. Политиката на Орбан бележи катастрофални резултати.

https://p.dw.com/p/156DC
Фотографија: AP

Јозеф Њиро е роден во 1899 година во романскиот регион Трансилванија, кој во тој период бил дел од Австро-Унгарија. Тој не беше еден обичен „крв и земја“ поет, туку и еден од водечките културни идеолози за време на владеењето на национал-социјалистичкото движење од 1944 до 1945 година во Унгарија, кога десетици илјади Евреи беа масакрирани и испратени во конц-логори.

Њиро му остана верен на фашистичкиот режим на Ференц Салаши се’ до неговиот крај, а по војната успеа да избега најпрво во Германија, а потоа и во Шпанија на Франко и покрај тоа што беше баран за воени злосторства и од Унгарија и од Романија. Денес, неговите дела се задолжително четиво за децата во унгарските училишта.

Единство и света должност

Романската влада неодамна го забрани погребот на неговите посмртни останки, стравувајќи дека неговиот гроб потоа би се претворил во аџилак за десните екстремисти. Сепак, се одржа црковна служба во родното место на поетот, на која присуствуваа унгарскиот парламентарен спикер Ласло Ковер и државниот секретар за култура Геза Шош. Тие ветија дека погребот на Њиро ќе се одржи „порано или подоцна“, и покрај забраната од „нецивилизираната, хистерична и варварска“ романска влада, како што оцени Ковер.

Планираниот погреб на Њиро е само дел од националистичката ренесанса која е актуелна во Унгарија, а на чие чело се десните екстремисти сесрдно поддржани од владата на десничарската Фидес и премиерот Виктор Орбан.

Орбан се одлучи и за ревизионистичка политика во однос на соседите кои имаат значително унгарско малцинство: Словачка, Србија и Романија. Засега, не се заговара отворено и прашањето за ревизија на Договорот од Трианон од 1920 година со кој Унгарија загуби две-третини од својата територија, но се потенцира „единството на сите Унгарци во регионот“.

Ungarn Parlamentspräsident Laszlo Köver
Унгарскиот парламентарен спикер Ласло КоверФотографија: picture-alliance/dpa

Унгарците постојано се потсетуваат на нивната „света должност“ кон нацијата, преку „Денот на националната солидарност“ на 4 јуни со кој се одбележува „трагедијата од Трианон“, преку новиот Устав кој стапи во сила на почетокот на годинава, па дури и преку контроверзниот закон за медиуми.

Во истовреме Орбан се обидува да се меша и во внатрешната политика на соседните Словачка и Романија, отворено поддржувајќи радикални партии на тамошното унгарско малцинство.

Катастрофални резултати

Паралелно со политичкиот, се одвива и историски ревизионизам. Во земјата е во тек процес на рехабилитација на Миклош Хорти, авторитарниот клерикален лидер кој управуваше со државата од 1920 до 1944 година. Отворен анти-семит, Хорти се смета за одговорен за депортацијата на околу 400 илјади унгарски Евреи во логорите на смртта. Сега се подигаат споменици и статуи во негова чест.

Сепак, успехот на ваквата политика на Орбан и на неговата Фидес е спорен. Најпрво земјата е речиси целосно изолирана во ЕУ, каде се смета за дестабилизирачки фактор во регионот на централна и југоисточна Европа. Во земјата расте отпорот против Орбан, а во соседството, партиите кои тој ги поддржува бележат катастрофални резултати.

Ungarn Ungarische Pfeilkreuzler marschieren in Budapest
Марш на унгарските фашисти во 1944 годинаФотографија: Bundesarchiv, Bild 101I-680-8283A-13A / Faupel / CC-BY-SA

Партијата на унгарското малцинство во Словачка која ја поддржува Орбан не успеа да влезе во тамошниот парламент, а политичката застапеност на Унгарците падна од 14 на 9 отсто.

Унгарското малцинство во Романија се соочува со уште поголем пораз. Околу 400 илјади Унгарци ја напуштија таа земја во последните 20 години, а политичкото претставување на следните избори најверојатно ќе се сведе на законскиот минимум кој му следува на секое малцинство. За гласовите ќе се борат, ни помалку ни повеќе, туку три партии на Унгарците, и голема е веројатноста ниту една да не го достигне цензусот од 5 проценти.