Рекордно ниво на баратели на азил
21 март 2013Конфликтот во Сирија и во другите кризни региони се причина за зголемување на бројот на поднесени барања за азил во 2012 година. Вкупно 480.000 барања за азил, најмногу во последните десет години, се поднесени во 44 богати држави, соопшти Високиот комесар за бегалци на ОН, Антонио Гутереш во Женева. „Војните принудуваат се’ повеќе луѓе да бараат азил“, појасни Гутереш. Оттука „повеќе од кога и да е досега е неопходно, да се погрижиме за признавање на меѓународното право на азил“, дополни Високиот комесар за бегалци на ОН.
Барањата за азил од Сирија во индустриските земји од 2011 до 2012 година се зголемени за трипати, проценува организацијата за бегалци на ОН, УНХЦР.
Сирија сепак е на вторo место по бројот на баратели на азил. На прво место и натаму е Авганистан со речиси 37.000 баратели на азил. На трето место се рангирани Србија и Косово со заеднички вкупно 25.000 барања за азил.