1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекорден пад на невработеноста во Германија

3 јануари 2012

Невработеноста во Германија во 2011-та година достигнала најниско ниво во последните 20 години. Годишниот просечен број на лица без работа лани изнесувал 2,97 милиони, соопшти Сојузната агенција за труд во Нирнберг.

https://p.dw.com/p/13dNd
Фотографија: AP

Помалку невработени лица претходно имало во 1991 година. Позитивниот тренд продолжил и во декември. На крајот од минатиот месец во Германија имало 2,78 милиони луѓе без работа, односно стапка на невработеност од 6,6 проценти, што е за 0,6 проценти помалку во споредба со 7,1 насто од претходната година.

Вообичаеното за зимскиот период намалување на вработувањето во декември е помало отколку претходните години.

Според податоците, минатата година во Германија имало најмногу слободни работни места од бумот по обединувањето. Соборен е дури и рекордот на побарувачката работна сила од ноември.

Junge Arbeitslose als verlorene Generation ?
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најголем број слободни работни места според податоците и натаму има во секторот на временски ограничените вработувања. Во меѓувреме, речиси секое трето работно место отпаѓа на работата на одредено време. Нови работници се бараат најмногу во трговијата на големо и на мало, во градежништвото и во гастрономијата, а зголемена е побарувачката и во здравството и во социјалата.

Експертите сепак признаваат дека во поглед на пазарот на работна сила за оваа, 2012-та година, владее голема неизвесност. Додека дел од стручњаците прогнозираат привремено зголемување на невработеноста како последица на слабеење на конјуктурата, дел се со попесимистички предвидувања.

Автор: ЖА/ БГ/ дпа/ дв/ ртре

Редактор: Александра Трајковска