1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резолуцијата усвоена, добивањето датум- неизвесно

Тони Гламчевски23 мај 2013

Ниту европските, ниту македонските парламентарци не веруваат дека земјата ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ на самитот во јуни, и покрај последната резолуција во Европскиот парламент

https://p.dw.com/p/18cjh
Фотографија: picture alliance / dpa

Пратениците членови на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија не очекуваат дека денеска изгласаната резолуција со која се повикува Европскиот совет на Македонија да и додели датум за почеток на преговори со ЕУ ќе има влијание врз конечната одлука. Резолуцијата предложена од британецот Ричард Хауит, ја поддржаа 505 европратреници, 61 беа против и 31 воздржан.

При гласањето беа усвоени три од шесте амандмани кои беа поднесени од Јелко Кацин и Норица Николаи (Група на Либерали и демократи) кои се однесуваат на политичките случувања во земјата, односно истражната комисија, ревизијата на гласачките списоци и за пристрасноста на медиумите.

Ричард Хауит вели дека клучно за евентуално добивање на позитивен одговор од Европскиот совет е напредок во спорот за името:

„Моја цел е да направам максимален притисок врз Европскиот совет и како што кажав на синоќешната дебата напредок во решавање на прашањето со името можеби е неопходно и тоа би било шанса за позитивна одлука во јуни“.

„Апелирајќи за напредок и во Скопје и во Атина, во исто време го повикувам Европскиот совет да разбере дека постојаното одбивање на земјата има лош ефект на политиката, јавното мислење иако тоа не е моја желба, како што бев претходно принуден да го одложам усвојувањето на Резолуцијата поради политичката криза во Скопје, денеска велам дека можеби би било подобро, можеби неопходно да се донесе позитивна одлука и да се одржи надежта во живот и вашата земја да не биде повторно одбиена“, вели Хауит.

Richard Howitt
Ричард ХауитФотографија: Getty Images

Резерви кај македонските пратеници

Копретседателот на Мешовитиот комитет, македонскиот парламентарец Кенан Хасипи, беше уште појасен:

„Би сакал да бидам демантиран и Европскиот совет да ја почитува одлуката на ЕП иако во мене постојат длабоки резерви по ова прашање“.

Германскиот европратеник Јоргос Шацимаркакис, копретседавач од страна на ЕП со Мешовитиот комитет во однос на тоа дали препораката и декларацијата ќе бидат доволни да се помести ставот на Советот во јуни вели:

„Јас сум парламентарец. Мојата работа на парламентарец е да вршам притисок врз властите и да не се задоволам да се надевам. Сакам да бидам сигурен дека Советот ќе го следи мнозинското мислење на овој парламент. За жал, најчесто се случува спротивното. Ако Советот ги следи повеќе позициите на ЕП, ние ќе напредневме многу повеќе на нашиот европски пат. Советот е во тешка ситуација, многу колеги овде во ЕП се многу разочарани од одлуките на Советот не само по едно, туку по серија прашања. Затоа како парламентарец можам да се надевам дека Советот ќе ја следи нашата резолуција“.

Сигнали на добра волја

Грчката европратеничка Ани Подимата и вицепретседателка на ЕП, смета дека европските европратеници и нивните колеги од Македонија, покажале демонстрација на добра волја за компромис.

griechische Eu-Parlamentarier Anni PODIMATA
Ани ПодиматаФотографија: EP

„Тоа е добар и позитивен сигнал, кој охрабрува, исто како и забелешката која беше направена вчера за време на дискусијата за извештајот на Хауит, од страна на ирското претседателство кое побара од Грција и ПЈРМ да ја искористат можноста за да најдат прифатливо решение за отвореното прашање за името. Тоа што го направивме денес е во добра насока и се надевам дека ќе покажеме добра волја за да ги оставиме зад нас патиштата на поделби, конфронтации и национализам, за да изградиме заедничка иднина“.