1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Редок политичар со авторитет

25 јануари 2010

Израелскиот претседател Шимон Перес во рамките на посетата на Берлин учествува на манифестации по повод 65 годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц. Перес е и еден од основачите на државата Израел.

https://p.dw.com/p/Lg2r
Претседателот на Израел Шимон ПересФотографија: AP

Шимон Перес 48 години беше член на Кнесетот. Двапати беше премиер, двапати заменик-премиер. Раководеше и со министерството за надворешни работи и со други министерства. Перес е и еден од основачите на државата Израел и 62 години по нејзиното формирање се’ уште има големо влијание врз судбината на земјата. Најмалку две децении во меѓународната политика е познат како човек, кој се залага за мир. „Верувам дека мирот е неизбежен на Блискиот Исток. Мислам дека на сите ни е потребен подеднакво. Знам дека има спротивставености, спорови и потешкотии. За се’ е потребно време.“

Перес - двигател на мировниот процес

Verleihung des Friedensnobelpreises an Schimon Perez Arafat und Rabin 1994
Доделувањето на Нобеловата награда за мир во 1994 година на Перес, Арафат и РабинФотографија: picture alliance/dpa

Шимон Перес се грижеше за безбедноста на неговата земја пред да биде склучен мировниот договор од Осло во 1993 година, со кој дојде до помирување со вечниот непријател, тогашниот претседател на Палестинците, Јасер Арафат. Перес исто така како министер за надворешни работи, заедно со Арафат и израелскиот премиер Јицак Рабин, ја доби Нобеловата награда за мир. Уште во 1953 година премиерот Давид Бен Гурион го именуваше за генерален директор на министерството за одбрана. Перес го основаше израелскиот „Комитет за атомска енергија“ и се смета за татко на израелската атомска програма. Слично како и Јицак Рабин, тој прерасна од воено лице во визионер на мирот. „Осло целосно ја промени севкупната ситуација на Блискиот Исток. И тоа неповратно“, оцени Перес во 1998 година.

Treffen Peres und Arafat
Подадена рака - Перес и АрафатФотографија: AP

Пролетта 1996 година, Перес на изборите загуби од предизвикувачот Бенјамин Нетанјаху од конзервативната партија Ликуд. Носителот на Нобеловата награда за мир од неговиот наследник на функцијата бараше: „Безусловно е неопходно да продолжи динамиката на мировниот процес со Палестинците. Не се срамам што се сретнав со Арафат - и Вие ќе се сретнете со Арафат, ако сакате мир. И Вие ќе му пружите рака, ако Вашите зборови се сериозни - и исто така ќе се сретнете и со Сирјците и со Либанците.“

По времето на крвавото Второ востание на Палестинците од 2000 до 2004 година, Перес како и целиот Израел говореа потрезвено, зацртаните цели станаа помали. Така во рамките на владата на национално единство со концервативецот Ариел Шарон, Перес се бореше за повлекување на Израел од Појасот Газа: „Верувам дека е можно да се спроведе повлекувањето. Оној кој сака да спречи убиства на деца и војници мора да внимава на тоа да функционира повлекувањето и да не го попречува. За време на Интифадата скапо плативме и не мора да ја продолжуваме на овој или оној начин.“

Претседател со морален интегритет

Shimon Peres vor Übernahme des Präsidentenamtes
Перес-ветеран во израелската политикаФотографија: AP

Во ноември 2005 година, со 82 години, Шимон Перес ја смени партијата. Тој излезе од Работничката партија и му се приклучи на Ариел Шарон во формирањето на партијата Кадима.

Во 2007 Кнесетот го избра Перес за претседател на државата. Тој денес во Израел ужива голем углед. 87 годишниот Перес го сметаат за политичар со морален интегритет и за голем авторитет. Тоа е во потполна спротивност со неговиот претходник на функцијата, Моше Кацав, против кого се води судски процес поради сексуално малтерирање и силување.

Автор: Себастијан Енгелбрехт/Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска