1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Регионална еко-заштита на водите кои не знаат за граници

24 август 2011

Германската влада ќе инвестира два милиони евра во заштита на Дримскиот басен . Од почетокот на 2012 ќе се реализираат веќе подготвени проекти за заштита на Охридското, Преспанското и Скадарското Езеро.

https://p.dw.com/p/12Mjr
Фотографија: Mimoza Dhima

Здружувањето на Македонија, Албанија и Црна Гора во областа на заштитата на животната средина, како регионален предизвик, ги дава првите резултати. Со експертска и финансиска меѓународна помош веќе функционира Дримскиот басен и на сите во регионот им е потполно јасно дека час поскоро треба да се заштити еко-системот и биодиверзитетот. Германската влада, преку некогашниот ГТЦ, а сега Друштво за меѓународна соработка ГИЦ, ги препозна предизвиците и континутетот на активностите за заштита на водните ресурси во регионот. Со два милиони евра ќе помогне во менаџирањето на проекти во трите земји. Македонија добиените пари ќе ги вложи во ревитализацијата на Студенчишкото блато во Охрид и во природниот резерват Езерани во Преспа, вели Дејан Паноски, секретар на Билатералниот комитет за заштита на сливот на Охридското Езеро:

„Ќе можеме да воспоставиме активности поврзани со веќе изработените стратегии и акциони планови работени години наназад. Тоа е еден добар момент, бидејќи конечно влегуваме во нивна реализација. На последната средба во Тирана исклучителен беше интересот на Германската влада да помогне во работи кои што ќе се однесуваат на конкретни активности, а не на произведување хартија.“

Студиите за Студенчишкото блато и Езерани се готови

Експертите од Германија мошне внимателно ги разгледале понудените проекти и го прифатиле барањето на македонските претставници, средствата да се искористат за менаџирање и заштита на водните живеалишта во најголем дел на блатата, кои се наоѓаат околу трите езера во Дримскиот басен. Истовремено, треба да се воспостави континуиран мониторинг којшто ќе дава сознанија за идните креирања политики за состојбата со животната средина:

Projekt Schutz des Ohrid-Sees
Дејан ПаноскиФотографија: DW

„После почетокот на проектот, во јануари 2012 година, би влегле во процес на заштита, одбележување на една нова структура во Студенчишкото блато и во Езерани. Тоа подоцна би се користело во научно-истражувачко поле и во економско-туристичка експлоатација. И она што е неизбежно, подигање на јавната свест преку дебати и тренинзи кои ќе ги подигнат и капацитетите на невладиниот и владиниот сектор и секако капацитетите на општеството проектот да го препознае како свој интерес“, потенцира Паноски.

Студиите за Езерани за Студенчишкото блато како природни живеалишта се веќе изработени. Ќе следи финално утврдување на границите, физичка заштита и треба да се креира континуитет на заштита. Потоа резерватите ќе бидат отстапени на грижа и експлоатација на локалните самоуправи, во вид на туристички бренд.

Со мудра политика екологијата може да биде силен адут

Projekt Schutz des Ohrid-Sees
Студенчишко блатоФотографија: DW

„Во Република Македонија ќе треба кончено да прифатиме и да препознаеме  дека екологијата е можеби најсилниот економски инструмент којшто една влада го има во своите раце. Со подготовка на проекти од управување на различни сфери од вода, отпад, воздух можеме да сме доста блиску до отворените фондови од ЕУ и од другите глобални финансиски институции“, заклучува Паноски.

Оттука, Македонија треба да го канализира инвестицискиот потенцијал и со потребната политичка поддршка екологијата да ја стави повисоко на политичката агенда. Надвор од  помошта на Германија наменета за трите езера, Грција и Косово за останатите еколошки  проблеми кои се предизвик за регионот, тропаат на вратите на други, за нив достапни, фондови.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска