Револуционери на егитетските фудбалски стадиони
26 декември 2012„Беше доволен еден погрешен збор, и веднаш да ве затворат. На луѓето им беше страв да говорат за политика или да изразат критика на сметка на Хосни Мубарак. Беа многу претпазливи и исплашени“, раскажува Амин Салех. Тој израсна во Египет и потоа дојде во Германија. Во меѓувреме 28-годишниот студент доби германско државјанство но со своето семејство и пријатели во северна Африка е во постојан контакт. Фудбалот во Египет е како религија, вели тој. Или си муслиман, или христијан, или си за Ал Ахли или не. Важноста на овој фудбалски клуб jа потврдува и Јан Бусе. Овој политиколог работи за Амнести интернешнл и е експерт за египетскиот фудбал. Историски погледнато Ал Ахли е симбол на египетскиот народ и клубот така се гледа себеси, вели Бусе. „Тоа беше прв клуб кој го основаа само Египќани, само за Египќани, па така навистина е национален симбол на борбата против тогашната британска колонијална власт и на египетската монархија“.
„Ултрас“- ретко добро организирана група
Фудбалот и политиката во Eгипет се тесно поврзани, бидејќи во последните години никој на улица отворено не говореше за политика. за неа се говореше во џамија - и на стадион. „Со оглед дека општеството е одбележано од голема сиромаштија, а во времето на Мубарак уште и со репресии, фудбалот отсекогаш беше прибежиште во кое отворено можеа да се изразуваат емоции. Како издувен вентил за фрустрации“, констатира Бусе.
Колку важна улога играа најтврдокорните навивачи „ултрас“ во египетската револуција, Јан Бусе објаснува во своите предавања во рамките на бројни навивачки проекти во Германија, меѓу другото и во второлигашот Келн. Според него, фудбалските навивачи во египетската револуција одиграа поголема улога отколку која било друга политичка група. Тие веќе имаа искуство со полицијата и со уличните протести. Тие ги организираа барикадите, згрижувањето на ранетите и демонстрациите на плоштадот Тахрир. „За разлика од повеќето други групи во Египет ’ултрасите“ беа ретко добро организирана група. Единствено во толкава мерка беа организирани уште Муслиманските браќа.“
Масакрот во Порт Саид
Дури и ривалските, па и непријателски навивачки групи се обединија и ги повикаа луѓето заедно да излезат на улица против режимот. Ако е вистина тоа што го говорат многумина набљудувачи и самите „ултраси“ , тогаш тие за тоа платија висока цена: на натпреварот меѓу Ал Ахли и Ал Масри се случи традегија која некои ја нарекуваат „масакрот во Порт Саид“. Наводните навивачи на Ал Масри имено навлегоа на теренот и ги нападнаа дури и играчите. Сведоци тврдат дека тие биле вооружени со палки, ножеви па дури и со огнено оружје. Полицијата не интервенираше во безредијата па така конечниот биланс од нередите беше: 74 загинати и 1000 повредени. Поради оваа трагедија првенството беше прекинато и се’ уште не е обновено. Тимот на Ал Масри за кој се веруваше дека е близок до режимот на претседателот Мубарак беше казнет со две години забрана за натпреварување а покренат е и судски процес кој меѓутоа секогаш одново се одложува.
Египетските власти најавија дека фудбалската лига наскоро повторно ќе продолжи. Таа одлука меѓутоа не е донесена во договор со „ултрасите“ на Ал Ахли и се очекува тие да протестираат против неа, бидејќи сакаат судска разврска за „масакрот во Порт Саид“.
Ултрасите’ имаат голема моќ во Египет. Тие се заканија дека ќе ги окупираат стадионите а доколку треба и централата на египетскиот фудбалски сојуз . И во последните протести против претседателот Мохамед Мурси учествуваа навивачи на различни клубови- револуцијата ни од далеку не е завршена.