1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реализам и авангарда

9 октомври 2009

Ништо не се добива ако наградите се споредуваат како бројот медали на Олимписките игри. Наградата без сомнение е во вистински раце. Милер е општопризнат книжевник, иако делата не и‘ се бестселери. Весниците коментираат:

https://p.dw.com/p/K2yz
Делата на Херта Милер не се бестселери, но...Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Тагесцајтунг“ ја истакнува суштината на темите во делата на Херта Милер:

„Значајната литература не само што се занимава со конфликтите, таа произлегува од конфликтите, од големите историски спорови, во кои единките се раздробувани од идеологиите, или војните. Литературата, добрата литература, може да биде нешто како полудоживеано, седиментирано искуство од ваквите стравотии. Таа не само што раскажува што може еден човек да му направи на друг човек, туку ги содржи потресите кои произлегуваат од ваквите искуства, им ги пренесува и ги прави будни луѓето кои не морале лично да ги доживеат. Романите на Херта Милер се целосно проткаени со грозотиите на европската историја на насилство во 20 век, со конфликтните линии произлезени од прогоните, угнетувањата и државниот тоталитаризам.“

Во тоа се согласува и „Ноjе цирхер цајтунг“:

„Германската писателка со романско потекло е авторка која сосем ја заслужува Нобеловата награда за литература. Во нејзините дела се обединуваат прозата и поезијата, реализмот и авангардата, критиката на идеологијата и на јазикот. Таа по своето заминување од Романија за време на диктаторот Чаушеску во 1987 година остана дисидентен автор, кој со бес и храброст на очајник се бореше против заборавот. Кај Херта Милер посебно е тоа, што како и нејзиниот колега Носител на нобеловата награда Имре Кертеш - обработката на комунизот не ја сфаќа само како морален, туку и како естетски предизвик.“

„Келнише рундшау“ се осврнува на тоа што со години Нобеловата награда за литература ја добиваат европски автори:

„Нема сомневање дека Херта Милер ја обединува силата на зборот со политичките претензии потврдени со нејзината болна биографија. Секако дека траумите од напатениот живот имаат глобална симболичка сила. Но, иако такви судбини можат да се најдат меѓу кориците на книгите и во Африка, Азија, или Америка, престижната награда уште еднаш му припадна на некого од Европа. Во последните 15 години само тројца добитници се од неевропските земји - остатокот на светот очигледно е на стокхолмската магарешка клупа.“

„Нирнбергер нахрихтен“ дополнува:

„Ништо не се добива ако наградите се споредуваат како бројот медали на Олимписките игри: Французите се на чело со 14 Нобелови награди за литература, втора е Велика Британија со 11, следуваат Германија и САД . Поважно од националната гордост во овој момент е прашањето за квалитетот на книжевното дело на лауреатот. Наградата без сомнение е во вистински раце. Херта Милер е општопризнат книжевник, иако нејзините дела во никој случај не се бестселери.“

Избор од печатот: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска