Реакции за војната во Либан
3 август 2006Според мислењето на германската влада, Европската унија се наоѓа пред решавачка одговорност за решавањето на блискоисточниот конфликт. „Европа мора, сака и ќе игра клучна улога„, изјави денеска во Берлин портпаролот на германскот министерство за надворешни работи Мартин Јегер. Претходно е неоходно одржливо примирје. Едноставно враќање на состојбите пред избувнувањето на непријателствата веќе не е можно.
Инаку и три недели од почетокот на израелската офанзива, крај на конфликтот не е на повидок. Според изјавата на израелскиот вице - премиер Шимон Перез, офанзивата би можела да потрае со недели:
„Кога ќе запре, ќе биде запрена. Меѓутоа, армијата сака меѓународни сили што ќе го контролираат јужниот дел на Либан. Да бидат ослободени заробените војници, а Хезболах веќе да не биде армија во армијата. Според мене, тоа не е далеку, можете да сметате на недели, а не на месеци„.
Американската министерка за надворешни работи Кондолиза Рајс подвлече дека примирје може да биде постигнато за неколку дена:
„Ако продолжиме со нашите активности тоа би било можно во текот на оваа недела. Секако, зборуваме за денови, а не за недели пред да бидеме во можност да постигнеме примирје. Време е да престане насилството„.
Според британскиот премиер Тони Блер, пак, по завршувањето на сегашната војна, на Блискиот исток е потребна нова стратегија во битката против екстремизмот:
„Ќе продолжиме да преземаме се што е можно да запрат непријателствата. Но, кога тоа ќе се случи, ќе мораме да размислиме за сосема нова стратегија за да ги совладаме оние што ни се закануваат. Потребна ни е алијанса на умереност за да обезбедиме поинаква иднина во која Муслиманите, Евреите и Христијаните, ќе можат да живеат во прогрес и мир„.
Германскиот екс-министер за надворешни работи Јошка Фишер кој деновиве гостува во Иран, за улогата на оваа земја во блискоисточниот конфликт вели:
„Иран воопшто не крие дека одржува тесни односи со Хезболах и дека има голем интерес во тој регион. До толку е поважно да не се прекине дијалогот. Мислам дека Иран во секој поглед може да игра улога, и затоа е важно во оваа трагедија да се одржат контактите со таков играч„.