1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции во Скопје по откажаната посета на Сејдиу

29 мај 2009

Властите во Скопје се обидуваат да ги ублажат последиците од откажаната посета на косовскиот претседател. Владата изрази жалење и надеж дека ова нема да влијае на односите меѓу двете земји. ДУИ останува во владата.

https://p.dw.com/p/HzoR
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Македонскиот државен врв се обидува да ги амортизира критиките и неповолните ефекти во јавноста, пред се’ во албанскиот политички кампус, поради откажувањето на посетата на Македонија од страна на косовскиот претседател. Фатмир Сејдиу одби да допатува во Скопје откако беше променет карактерот на неговата посета: од покана за официјален престој, во работна средба со домаќинот, македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Косово е земја пријател и партнер, реагираше и македонската влада, која освен жалење за откажаната посета изрази и надеж дека претседателите Сејдиу и Иванов наскоро сепак ќе се сретнат. Новиот владин портпарол Мартин Мартиновски, вчера попладне во Скопје, индиректно откри дел од мотивите за дипломатско-протоколарните игри околу престојот на Сејдиу и претседателскиот самит. Властите во Скопје се незадоволни што не е официјализирано разграничувањето меѓу Македонија и Косово, иако обележувањето на границата е веќе во завршна фаза.

Поради двојната дипломатска игра постои незадоволство кај албанскиот политички фактор во Македонија. Сејдиу не беше поканет на инаугурацијата на македонскиот претседател, а пред два дена ненадејно е променет и форматот на закажаната посета на претседателот. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по враќањето од Брисел кажа: „Мислам дека ниту Сејдиу ниту институциите на Косово, па и пошироко, не би се согласиле ДУИ да излезе од владата.“ реагираше Ахмети. Со тоа лично лидерот на ДУИ ги демантираше информациите, дека Демократската унија за интеграција излегува од владината коалиција.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска