1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рација кај екс-портпаролот на Вулф

20 јануари 2012

Полицијата изврши рација во домот на поранешниот портпарол на германскиот претседател Кристијан Вулф, Олаф Глезекер, кој се соочува со обвинение за мито и корупција.

https://p.dw.com/p/13myr
Претседателот Кристијан Вулф и неговиот поранешен близок соработник Олаф ГлезекерФотографија: dapd

Германската полиција изврши рација во домот на поранешниот портпарол на шефот на државата Кристијан Вулф, трагајќи по докази за корупција. Упадот во домот на Олаф Глезекер, повторно го врати во центарот на вниманието скандалот во кој беше вмешан Вулф.

И Вулф и Глезекер се најдоа на удар на јавноста поради прифаќање бесплатни аранжмани за луксузен одмор додека биле на функции во покраината Долна Саксонија.

Обвинителите соопштија дека не пронашле докази оти претседателот Вулф сторил нешто незаконско, но истрагата потоа се насочила кон Глезекер.

Вулф во меѓувреме мораше да се извинува и поради скандалот со поволниот кредит кој го земал од богат бизнисмен, а не го пријавил. Неодамна Вулф го отпушти Глезекер, кој му беше најблизок соработник речиси 10 години, но не ги соопшти причините за потегот.

Опозициските партии во Германија ја поздравија истрагата, оценувајќи дека со тоа се потврдиле нивните сомнежи дека скандалот не е разоткриен докрај.

Обвинителството соопшти дека можни обвиненија со кои се соочува Глезекер се земање и давање мито.

Автор: БГ/ АТ/ дпа

Редактор: Ж. Ацеска