1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рациновите средби - афирмирација за македонската литература

Антоанела Димитриевска12 јуни 2013

Меѓународната поетска манифестација Рацинови средби, која неделава по 50- ти пат се одржува во Велес, градот на поетот и револуционер Коста Рацин, е одлична можност за средби на писателите од Македонија и странство.

https://p.dw.com/p/18o9h
Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Македонската литература и култура во последниве десетина години се‘ повеќе е позната во странските земји, преку превод на македонските писатели, нивни гостувања и отворање на културни центри и лекторатите за македонски јазик.

Меѓународната поетска манифестација Рацинови средби, која неделава по 50- тти пат се одржува во Велес, градот на поетот и револуционер Коста Солев Рацин, е одлична можност за средби на писателите од Македонија и странство. Со години наназад таа ја постигнува целта за подобро запознавање на писателите и љубителите на пишаниот збор и културата на многу земји. Така средбите потоа резултираат и со можности за презентирање и афирмација на македонската литература и култура во светот.

Македонската култура и литература популарна во Република Романија

На Рациновите средби во Велес годинава е присутен и Јон Деаконеску, писател од Република Романија и професор за политички науки во Крајова, каде има и Лекторат по македонски јазик. Тој годинава на Рациновите средби е добитник и на високото Почесно Рациново признание за 2013 година за презентација на македонската литература и култура надвор од границите на Македонија, а кое свечено ќе му биде врачено на средбите (12 јуни, вечерва) во Велес. Го прашуваме за ДВ колку е позната македонската литература и култура во Романија.

„Многу е позната македонската литература и култура во Романија, преку поезијата на Рацин, но и на други македонски писатели. Секоја година на романски јазик се објавуваат дела на бројни македонски писатели. Тоа се Гане Тодоровски, Борис Вишински, Ацо Шопов, Блаже Конески, Петре Бакевски. Во Крајова постои најстариот Лекторат за македонски јазик, кој е расадник за ширење на македонската книжевност и литература, која е многу интересна за романските студенти“.

Деаконеску потенцира дека имаат и одлична соработка со Друштвото на писателите на Македонија и појаснува: „Претседателот на ДПМ, Раде Силјан прави напори и тоа вроди со плод, секоја година се‘ повеќе македонски писатели се преведуваат на романски јазик, воедно и се' повеќе романски писатели да бидат преведени на македонски јазик“, појаснува Деаконеску.

Kostas Valetas Paskal Gilevski Schriftsteller
Од минатогодишните „Рацинови средби“ во Велес, архиваФотографија: DW/Antoanela Dimitrievska

Тој вели дека нема никакви проблеми за презентација на македонската литература и култура во странство, а и тој и неговите колеги, пријатели на Република Македонија, и во иднина ќе прават напори за презентација на нејзината култура и литература во странство. „Резултат на мојата презентација на македонската литература е и добивањето на ова високо Почесно Рациново признание за 2013 година, за што сум посебно горд, а кое воедно ќе биде и поттик за моја понатамошна работа на тој план “, потенцира Деаконеску.

Македонската литература призната и се‘ повеќе популаризирана во Бугарија и Србија

Македонската литература и култура со години е се' повеќе популаризирана во Бугарија. Се' повеќе македонски писатели се преведуваат на бугарски јазик. Ова за ДВ ни го потврдува и Владимир Луков, бугарски писател од повозрасната генерација.

„Во Софија има Македонски културен центар, чија задача е континуирано да ја презентира македонската култура и литература. Преку него во Бугарија гостуваат многу македонски писатели, сликари, музичари и други културни дејци, а кои на најдобар начин ја презентираат македонската култура“, потенцира Луков.

Македонската литература е многу застапена и во Србија. Стихозбирката „Бели мугри“ на Рацин со години наназад е дел од школската лектира, како и популарниот роман на Видое Подгорец, „Белото Циганче“ и многу други.

Српскиот писател Дејан Стафановиќ (на фотографијата), кој вторпат е присутен на Рациновите средби во Велес, потенцира:

„Србија отсекогаш била ширум отворена за презентација на македонската литература и култура, што е резултат на добрата соработка и пријателство меѓу двата соседни блиски народи. Нашата земја прави напори за што поголема презентација на македонската култура и литература, а и македонските романи отсекогаш биле и се‘уште се интересни за читачката публика во Србија“, потенцира Стефановиќ.

На Рациновите средби во Велес во изминатите педесет години гостувале и потоа ја презентирале македонската литература и култура во своите земји писатели од Грција, Украина, Русија, Хрватска, Црна Гора, Албанија и многу други земји.