Рахој притиснат од корупциска афера
4 февруари 2013Маријано Рахој се надева дека во Берлин малку ќе здивне од бурата што околу него е крената во Шпанија. За него би било оптимално кога германската канцеларка јавно би го пофалила за неговите напори за штедење и решителноста да ја извади Шпанија од криза. Наспроти тоа, би било глупаво кога на прес-конференцијата по разговорите во Берлин новинарите би го поставиле прашањето за неговиот интегритет.
Шпанската опозиција веќе со денови тврди дека „Рахој за земјата станал само дополнителен проблем, наместо да биде решение“ и бара оставка на премиерот. Таа го обвинува Рахој дека е длабоко заглавен во скандалот околу наводниот долгогодишен поткуп на неговата Народна партија. Печатот секојдневно излегува со нови детали за аферата. Таа за конзервативците доаѓа во една особено критична фаза: за санација на државните финансии владата на Рахој би морала да посегне по драстично штедење и зголемување на даноците, додека стопанството се‘ повеќе запаѓа во рецесија, а стапката на невработеност се движи на рекордно ниво од 26 проценти.
Огорчените протести на граѓаните немаат крај. Популарноста на Рахој е веќе падната на рекордно ниско ниво, најниско што воопшто некој шпански премиер го имал во поновата историја на земјата.
Екс-благајникот го товари и Рахој
Скандалот околу финансирањето на партијата на Рахој ја предизвикаа рачно напишаните документи на поранешниот партиски благајник Луис Барсенас кои ги објави весникот „Ел Паис“. Таму прецизно е наведено кога партијата на Рахој примала донации од фирми и кога исплаќала пари на политичари. Името на Рахој првпат се појавува во 1997 година. Се претпоставува дека за период од десет години тој наводно добил околу 300.000 евра. Речиси сите членови на партиското раководство се наведени како приматели на наводни „црни пари“. Финансиските средства доаѓаат од градежни фирми во времето на градежниот бум во земјата, кога беа издадени дозволи за многу големи градени проекти.
Рахој демантира. Тој вели дека станува збор за „заговор“ против него и неговата партија. Обвинувањата би требало да бидат проверени од страна на екстерна комисија, која ќе ги контролира партиските сметки и објавувањето на даночните изјави. Имено, до 2007 година во Шпанија беше дозволено да се примаат одредени средства доколку тие бидат потоа наведени во даночната изјава. Затоа Рахој најави дека уште во текот на оваа недела на интеренет ќе ги објави неговите даночни изјави. Тој, како што тврди, сака целосна транспарентност.