1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рау: Рацин е „поет на народната душа“

26 јуни 2011

Какви хоризонти се будат кога Германец ги чита песните на Кочо Рацин? На ова прашање во научен труд се осврнува Петер Рау, професор на катедрата за германистика на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

https://p.dw.com/p/11ioi
Професор Петер РауФотографија: DW

„Истакнатиот македонски поет Кочо Рацин со својата поезија е поет на народната душа и вистински мост во интеркултурниот дијалог меѓу Македонија и Германија“ – ова е едно од суштинските согледувања на Петер Рау, германски лингвист и професор на катедрата за германистика на Филошкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во неговата научна споредбена анализа за македонската и германската поезија и во тој контекст Рацин набљудуван како мостра за компаративно толкување на поетските творештва на двата јазика.

Синтеза на патриотските и социјално-критичките елементи

Професорот Рау најпрвин укажува на синтезата на родољубивата поезија и општествената критика – белег на Рациновата поезија, што не се среќава во германската поезија:

„Не сме многу навикнати, ние Германците, кај нашите поети да среќаваме синтеза на националното, на патриотизам, да кажам народен патриотизам, и на критика на општествените работи. Значи, она што на Западот, особено во германската поезија, е разделено на левица и десница, на национализам и социјализам, кај Рацин се среќава во вид на синтеза, што ја нема во нашата поезија.“

Нашиот соговорник се осврнува натаму на живеењето на народот и народните мотиви како инспирација за творештвото на Кочо Рацин:

„Тука е втората голема разлика: односот меѓу народната култура, традиција, поезија, и таканаречената ’елитна’, висока, интелектуална, уметничка култура и поезија. За мене Рацин е најголем, најзначаен, најгенијален пример како се поврзуваат народните елементи и таканаречените ’елитни’, интелектуални, висококултурни елементи.“

„Поет на народната душа“

Во овој контекст Рау дополнува:

„Кај нас последниот обид да се поврзува народната поезија, култура, со високата интелектуална, елитна, авторска култура и поезија беше намера на романтичарите. Но, не успеа. Денес ние знаеме дека најнаивните дела раскажани за народот се вистински многу комплексни уметнички творби, дури, што не е многу познато во јавноста, тоа беа и бајките на браќата Грим. Нивната намера беше за народот да се раскажува нешто понаивно отколку што е. А тоа е вештачка работа.“

Platz in Veles, Mazedonien
Велес, родниот град на РацинФотографија: Petar Stojanovski

Рау е категоричен во својата споредбена анализа на стихозбирката „Бели мугри“ дека нејзиниот пишувач е „поет на народната душа“:

„Постои можност, тоа го учиме ние сега како германски читатели од поезијата на Рацин, за нетривијално, несекојдневно засновање висока поезија во народните, духовни сфери, во сферите на народната душевност. За жал, во Германија народната душа, или духовност, е деструирана. Не постои синтеза на тие елементи како кај вашиот поет.“

„Билјана платно белеше“, „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Селска мака“ и другите песни на Рацин стануваат од деценија во деценија се‘ повеќе спона и мост во интеркултурната комуникација меѓу Македонија и Германија“, нагласува професорот Петер Рау и продолжува:

„Констатирам дека лека-полека во последните 15-тина години од македонската класична, значи, постарата поезија, Рацин е оној автор што се рецитира, се цитира и се толкува најчесто, дури и во фељтоните и списанијата за поезија во Германија, Австрија, Швајцарија, каде што се зборува германскиот јазик.

Тој заклучува:

„Македонската поезија не е најпознатата од југословенските поезии. Се‘ уште не е на прво место според рецепцијата во Германија меѓу балканските поезии, литератури и култури. Но, Рацин е еден од оние предводници кон подобра иднина на рецепцијата на македонското и во Германија.“

Професорот Петер Хил од Институтот за славистика во Хамбург ги потврдува ставовите нa Рау во врска со исклучителното значење на песните на Рацин како важни предвесници на кодифицирањето на македонскиот јазик, како историски почетоци на книжевноста на овој народ.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска