1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раст на евроскептицизмот во Србија

22 јануари 2012

Во истовреме кога во Хрватска преку референдум се тестира поддршката за членството во ЕУ, се чини дека повеќе од 50 проценти од Србите сакаат својата земја да ја видат во ЕУ. Но, дали поддршката е во „стабилен пад“?

https://p.dw.com/p/13o00
Фотографија: DW

Последното истражување на Канцеларијата за европски интеграции на српската влада, објавено во пред крајот на минатата година, покажа дека влезот во ЕУ го поддржуваат 51 процент од анкетираните, додека против се 28 проценти. Србија, во секој случај, мнозински е определена за приклучување во ЕУ, бидејќи таа поддршка изнесува над 50 проценти, оценува за Дојче веле Срѓан Богосављевиќ, директор на агенцијата „Ипсос Стратеџик Маркетинг“.

„Тоа е многу помалку отколку што беше пред една година, пред шест месеци или пред две години. Значи, постои тој еден опаѓачки тренд, но сепак тоа е многу повеќе отколку поддршката што беше за време на посетата на канцеларката Меркел, кога Србија доби нови или беше соочена со низа задачи за кои граѓаните не беа свесни. Тоа е единствениот момент кога таа поддршка, како реакција на таа посета, беше под 50 проценти. Исто така е значајно да се напомене дека луѓето таквото референдумско прашање го доживуваат како некоја далечна иднина, така што во моментов релативно лесно се определуваат“, оценува Богосављевиќ.

NO FLASH Kanzlerin Merkel in Belgrad
Експертите регистрираа пад во поддршката на членството во ЕУ по посетата на канцеларката Меркел на Белград, на крајот од август минатата годинаФотографија: dapd

Колку падна поддршката?

Некои политички аналитичари изразија сомнеж во веродостојноста на податоците од истражувањето на Канцеларијата за европски интеграции, бидејќи сметаат дека е неминовно таа поддршка да падне, наместо да расте, по посетата на Меркел и ускратувањето на кандидатскиот статус во декември 2011-та. Срѓан Богосављевиќ смета дека станува збор за субјективно чувство за расположението на јавното мислење.

„Тоа е полемика врз основа на субјективното чувство дека веројатно паднала под 50 проценти, бидејќи морала да падне, ако Европа не ни‘ се додворува. Едноставно, падна од 60 на 50 проценти, а веројатно тоа е и доволен пад. Така што мислам дека овие истражувања на јавното мислење што ги правиме, а и останатите, се засновани на многу квалитетна методологија, така што не гледам ниту една причина зошто би се потпирал на субјективно мислење, а не на еден методолошки исправен начин на мерење“, вели Богосављевиќ.

Замор од пристапувањето во ЕУ

Serbien EU Grafitti in Belgrad
Графит против членството на Србија во ЕУФотографија: AP

„Ако сега се одржи референдум во Србија, како оној во Хрватска, мислам дека резултатот би бил едно тесно ЗА приклучување во ЕУ“, оценува за Дојче веле Јован Теокаревиќ, професор на факултетот за политички науки. Очигледно е дека во Србија постои раст на евроскептицизмот, вели Теокаревиќ.

„Станува збор за резултатот од два процеса. Од една страна тоа е реакција на веќе неколку години изразениот замор од проширувањето, посебно кај старите членки на ЕУ. Идните перспективни членки на ЕУ, како што е Србија, сега му одговараат на заморот од проширувањето, иако ние сме далеку дури и од датумот за почеток на пристапните преговори“, вели Теокаревиќ.

Одговор на кризата во ЕУ

Јавното мислење исто така прилично рационално реагира на кризата во ЕУ, истакнува Теокаревиќ.

„Се топат претходно убедливите причини за пристапување во ЕУ, кога стана јасно дека ни старите, ниту новите членки не можат да најдат решение за некои од своите основни проблеми, посебно во економијата. Постои сомнеж дека придобивките од членството нема да бидат големи како што некогаш се мислеше“, забележува Теокаревиќ.

„Сите тие податоци ни‘ зборуваат дека луѓето во Србија се незадоволни и дека не сметаат оти Србија оди во добар правец, но сепак ЕУ како некоја далечна иднина им изгледа подобро“, вели Срѓан Богосављевиќ. Јован Теокаревиќ смета дека генералното незадоволство на граѓаните на некој начин се прелева и на односот кон ЕУ интеграциите.

Автор: Ивица Петровиќ / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска