1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте штедењето во банка пред се’ во денари

14 ноември 2011

Во време на криза граѓаните се внимателни во трошењето. Во Македонија зголеменото штедење резултира со педесет проценти поголеми депозити во споредба со 2008-та. Најатрактивен е денарот поради повисоките каматни стапки.

https://p.dw.com/p/13A64
Банка - СкопјеФотографија: DW

Скопјанецот Димитар кој работи како државен службеник пред неколку месеци продал имот и сакал да ги орочи добиените пари во евра. Во банката, во последен миг се премислил и се одлучил за денарски депозит. Пресудна била повисоката каматна стапка која го надвладеала стравот од девалвација.

„Тргнувам од едноставна математика. Во банката во која јас штедам разликата е речиси двојна. Ако штедам во евра каматата за две години е 3,8 проценти, за депозит во денари добивам камата од 7,7 проценти. Му верувам на денарот мислам дека нема да има девалвација во меѓувреме.“

Зголемени штедните влогови на домаќинствата

Дека голем број граѓани размислуваат како Димитар потврдува статистиката. Штедењето во Македонија е во пораст. Вкупните штедни влогови на домаќинствата се поголеми од 2,5 милијарди евра. Во последните 12 месеци депозитите на населението се зголемени за 13 отсто, од кои денарското штедење е зголемено за 17 проценти, а во девизи за 9,5 отсто. Експертите велат дека пресуден аргумент што го прави денарот поатрактивен за штедење е повисоката каматна стапка.

Универзитетскиот професор Саво Ашталковски за Дојче веле објаснува: „Се согласувам дека во овој момент каматната стапка на денарските влогови е драстично поголема од каматата на еврото, но исто така треба да го потенцираме фактот, дека силата на економијата ја гради силата на валутата. Според тоа каматата што важи за евра доаѓа од силата на европската економија, а каматата за денарот од силата на македонската економија. Според тоа значењето на економијата, која стои во позадина го дефинира ризикот за промени од тој карактер. Според тоа долгорочно земено би требало ризикот на македонската економија во однос на ризикот на европската да биде поголем. Иако на краток рок тие имаат поголеми проблеми“.

Sparstrumpf Deutsche sind Sparer
Во евра помалку се штедиФотографија: picture-alliance/dpa

Надлежните уверуваат дека банкарскиот сектор во Македонија е стабилен

Надлежните во континуитет ги уверуваат граѓаните дека македонскиот банкарски сектор е стабилен и дека можат да бидат сигурни во своите штедни влогови. Министерот за финансии и гувернерот заеднички испратија порака дека банкарскиот сектор е во сигурни раце благодарание на супервизијата на Централната банка, задржувањето на високиот степен на фискална и монетарна дисциплина, и вештото менаџирање на банките. Ако се споредува со 2008 година депозитите на населението годинава се поголеми за безмалку 50 отсто. Растот на штедните влогови се објаснува со кризата поради која е намалена потрошувачката. Граѓаните се внимателни во трошењето и повеќе штедат.

Mazedonien Land und Leute
НБМ - СкопјеФотографија: DW/Medana Weident

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска