1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте бројот на загинати од несреќата во Бангладеш

БГ/миа/дпа25 април 2013

Спасувачките екипи се’ уште не можат да стигнат до жртвите кои останаа под урнатините на зградата која се урна вчера. Бројот на жртвите се искачи на 175, а над илјада се повредени.

https://p.dw.com/p/18N1L
Фотографија: imago/Xinhua

Билансот на загинатите при уривањето на осумкатната зграда во Бангладеш достигна 175 лица, соопшти полицијата. Во несреќата се повредени над илјада лица. Сто дваесет и девет тела веќе се идентификувани и предадени на блиски на жртвите. Продолжуваат спасувачките операции за пронаѓање на преживеани по уривањето на деловната зграда во околината на Дака, во која се сместени текстилни фабрики и трговски центар. Две илјади лица се спасени од под урнатините до изутринава по локално време, но бројот на луѓето кои се’ уште се наоѓаат под урнатините не е познат.

„Ќе пробиеме дупки преку кровот и ќе влеземе внатре. Мораме да бидеме многу внимателни“, изјави бригадниот генерал Мохамад Сидикул кој раководи со спасувачката операција.

Трагедијата повторно го покрена прашањето за непочитувањето на стандардите за безбедност во текстилната индустрија, главен сектор на економијата на Бангладеш. Сто и дванаесет лица загинаа во пожар во текстилна фабрика во земјата пред помалку од пет месеци.

Неколку илјади работници во меѓувреме излегоа на протести барајќи апсење на сопствениците на зградата и на фабриката. Демонстрантите блокираа патишта и оштетија повеќе возила.

Стотици роднини на жртвите се собраа во близина на местото на несреќата, држејќи фотографии на нивните најблиски и одблизу ја следат спасувачката операција.