1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте бројот на загинати во земјотресот во Иран

ЖА/ртре/макфакс10 април 2013

Во силниот земјотрес во близина на иранската нуклеарка Бушер, според властите, загинале најмалку 37 лица, а околу 850 се повредени. Нуклеарката, според тврдењата на властите, не претрпела никакви штети.

https://p.dw.com/p/18Cpc
Фотографија: Reuters

Најмалку 37 лица загинаа, а бројката се очекува да расте, во земјотресот со сила од 6,3 степени по Рихтер во иранската југозападна провинција Бушер. Разурнат е градот Каки, со население од околу 10 илјади жители, а тешки оштетувања имало и во градовите Хормуџ и Кенган, со 30, односно над 20 илјади жители. Досега се пријавени околу 850 повредени.

Според Иранскиот сеизмолошки центар, земјотресот имал епицентар во близина на градот Каки, во 90 километри јужно од Бушер, центарот на истоимената провинција, на 12 километри длабочина.

Земјотресот и серијата од пет дополнителни потреси со магнитуди меѓу 4,1 и 5,3 степени била почувствувани и во земјите на Персискиот залив, Кувајт, Катар и Обединетите Арапски Емирати.

Edbeben im Iran
Фотографија: Reuters

Засега пријавените жртви се главно во селата Шанбе и Тасуџ Сана, коишто според информациите на иранската новинска агенција ИРНА, се речиси целосно уништени. Селата - Шанбе, со 1.746 жители и селото Тасуџ Сана со 1.253 жители, претрпеле големи оштетувања, а спасувачките екипи се во трка со времето.

Во Бушер се наоѓа нуклеарна централа, околу 160 километри оддалечена од епицентарот на потресот којашто, според сите информации објавени досега, не претрпела никакви оштетувања.

Претставник на руската компанија „Атомстројекспорт", кој ја гради нуклеарната централа во Бушер, за агенцијата РИА Новост, изјавил дека земјотресот бил почувствуван во централата, но дека не влијаел врз нејзината работа, како и дека во реакторот немало регистрирано зголемена радијација.

Иран, под чија територија минуваат неколку тектонски плочи, често е потресуван од силни земјотреси. Во декември 2010 година, во силен земјотрес во југоисточниот град Бам загина околу 31 илјада луѓе.