Распуштена владата во Тунис
7 февруари 2013Џебали во телевизиското обраќање кон нацијата прецизираше дека новата влада ќе ја раководи земјата до спроведување на предвремени парламентарни избори во најкуси рокови.
Кабинетот ќе биде составен од аполитични технократи и ќе е со ограничен состав. Официјални извори претходно соопштија дека Џебали ќе го распушти исламистичкиот кабинет и ќе формира влада на национално единство, која ќе вклучува непартиски фигури и технократи.
Тунискиот премиер оваа одлука ја донесол лично и во име на интересите на земјата. Џебали соопшти дека главна задача на владата ќе биде да ја стабилизира земјата, да се грижи за безбедноста и да го спречи растот на основните животни продукти.
Еден од лидерите на туниската опозиција, Шокри Белаид, беше убиен пред својот дом во престолнината на северноафриканската држава. Атентатот предизвика протести проследени од насилство и ја зголеми напрегнатоста во земјата. Убиството беше остро осудено од меѓународната заедница, вклучувајќи ги и САД. Шокри Белаид, лидер на Обединета демократска националистичка партија, ќе биде погребан во петок (08.02), пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на неговиот брат. Семејството на убиениот политички лидер ја обвини владејачката исламистичка партија Енахда, дека стои зад атентатот.
Правникот Белаид се залагаше за одвојување на државата од религијата, и беше еден од најжестоките критичари на владата која ја презеде власта по револуцијата во оваа земја.