Расмусен: Ситуацијата на северот на Косово нестабилна
5 декември 2012„Го поздравуваме општото подобрување на безбедноста, но свесни сме дека ситуацијата на северот е се‘ уште нестабилна“, рече Расмусен и додаде дека поради тоа нема да има намалување на бројноста на КФОР. Тој го поздрави дијалогот на високо ниво меѓу Белград и Приштина и ги повика двете страни да продолжат да работат на изнаоѓање на политичко решение.
Во Брисел инаку вчеравечер беше постигнат договор до крајот на декември да проработат четири административни премини меѓу централна Србија и Косово - Кончуљ, Мердаре, Јариње и Брњак. По повеќечасовните разговори со високиот претставник на ЕУ Кетрин Ештон и косовскиот премиер Хашим Тачи, српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека граѓаните со српски документи и српски регистерски таблички ќе можат слободно да минуваат преку премините. Работните групи на Белград и Приштина, според српскиот премиер на 10 јануари ќе продолжат да разговараат за прашањата на царините, документите и регистерските таблички. Дачиќ во Брисел информираше и дека е договорено специјална единица на Косовската полиција, во која мнозинство ќе бидат Срби, да го штити српското културно и верско наследство на цело Косово.