1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расистички напади во Грција

ЖА/миа24 октомври 2012

Расистичките напади во Грција се на алармантно ниво и властите прават многу малку за да се справат со овој проблем, соопшти Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР).

https://p.dw.com/p/16VQI
Фотографија: dapd

Грција е една од главните врати за влез на имигрантите од Азија и Африка кои се обидуваат да стигнат до земјите од Европската унија и тие се‘ почесто се непријателски дочекани во земјата која поминува низ најлошата економска криза во последните шест децении, се вели во извештај на УНХЦР.

Според ОН, од јануари до септември годинава регистрирани се 87 расистички напади, „што е исклучително алармантна бројка". Реалната бројка сигурно е многу поголема, но жртвите биле премногу исплашени за да пријават во полиција, се вели во извештајот.

„Жртвите зборуваат дека има области во Атина кои се затворени за нив, поради страв од напади. Тоа докажува дека досега не е осуден ниту еден извршител на расистички напад“, се вели во извештајот на УНХЦР.

Повеќето од жртвите биле нападнати на јавни места, како што се плоштади или во јавниот превоз, обично од страна на групи мажи облечени во црно и со скриени лица. Напаѓачите често користеле палки, метални шипки, а понекогаш и големи кучиња, се вели во извештајот. Повеќето од жртвите биле илегални имигранти од Авганистан, Бангладеш, Пакистан и Сомалија. УНХЦР соопшти дека во некои случаи жртвите изјавиле оти напаѓачите на облеката имале ознаки на неонацистичката партија „Златна зора“.