1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расизмот и ропството - најголеми проблеми на САД

21 август 2009

По формирањето на САД во 1776 година, околу девет милиони луѓе со темна боја на кожата, кои од Африка биле пренесени во Северна Америка, биле жртви на ропство. До денес ова прекршување на човековите права не е надминато.

https://p.dw.com/p/JFg5
Фотографија: DPA

Со крајот на американската граѓанска војна во 1865 година, ропството во САД беше формално завршено. Но дури 144 години подоцна, во средината на јули годинава, Сенатот во Вашингтон по долго размислување донесе одлука за извинување за злосторствата на ропството. „Ропството значи фундаментална неправда, свирепост, бруталност и нечовечност“, стои во едногласно донесената резолуција. Во неа е содржано извинување за таканаречениот закон на Џим Кроу, со кој беше озаконета систематската расистичка дискриминација на афро-американските граѓани на САД, до 1964 година.

USA Wahlen Demokraten Barack Obama zu seinem Pastor
Дали може да се оправда бојкотот на конференција против расизмот?Фотографија: AP

Во април оваа година, администрацијата на претседателот Обама ја бојкотираше втората Конференција против расизмот на Обеднинетите нации во Женева. Првата конференција, која се одржа во 2001 година во Јоханесбург, САД ја напуштија предвреме. Од суштинско значење за овие две одлуки на владата во Вашингтон, беа јасните барања на африканските држави, како и на граѓанските групи од САД, за извинување и обештетување за ропството и расизмот. Тревис Смајли, директор на организацијата за афроамериканска историја во Вашингтон, вели: „Мислам дека бојкотот на Женевската конференција е грешка. Како можеме да го оправдаме бојкотот на една светска конференција против расизмот? Расизмот во САД се‘ уште е најголемиот проблем. Отворено речено, тоа е разочарување.“

Четириесет хектари земја за се‘ да се заборави

Тревис Смајли не е задоволен ни од донесената резолуција во Сенатот, бидејќи во неа изречно се исклучува какво било обештетување на жртвите на ропството, односно на нивните потомци: „Јас сум за обештетувања, но зависи од тоа како ќе се дефинира поимот. Не сум за тоа секој Афро-американец да добие чек или 40 хектари земја и маска, како што најпрво ни беше ветено. Но неопходен е посебен слух за потребите на афро-американската заедница – на пример во сферата на образованието или станбеното прашање“

Sklavenhandel in Khartoum, Sudan
Фирмите не сакаат да ги обештетат потомците на робовитеФотографија: AP

Четириесет хектари обработливо земјиште за да може да се прехрани семејството, како и една маска, им вети претседателот Абрахам Линколн на сите робови во 1865 година, како вид обештетување за претрпените страдања. На ова никогаш неисполнето ветување се повикуваат и потомците на жртвите на ропството во нивните жалби.

Жалби против три фирми

Поради тоа што сите жалби против владата досега беа одбиени од судовите, актуелните жалби се насочени против три фирми, кои до 1865 година докажано профитирале од ропството. Во оваа група се големиот амрикански концерн за осигурување „Етна“, компанијата за изградба на железници „CSX" и „Флит Бенк во Бостон“. Тие треба да уплатат средства во висина од 1,4 билиони долари, кои своевремено им биле скратени на робовите, во еден организациски фонд, преку кој треба да им се помогне на 35 милиони потомци на робовите. Меѓутоа фирмите воопшто не планираат да уплатат средства.

„Факт е дека ропството беше едно трагично поглавје од нашата историја. Но оваа историја ја делат сите Американци и одделни фирми или индустрии не може да бидат посебно одговорни. Жалбите против „CSX“ и другите фирми се целосно неоправдани и треба да бидат одбиени“, вели Катлин Брнс од „CSX".

Сепак ова нема да биде последниот збор во внатреамериканската дебата за наследството од ропството.

Автор: Андреас Цумах / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска