1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамазан во униформа

Улрике Хумел / Елизабета М. Фиданоска9 јули 2013

Меѓу 250.000 илјади припадници на германската армија, според проценките, има околу 1.000 муслимани. За време на Рамазан тие мора да ги усогласат професијата и постот, задача која не е ни малку лесна.

https://p.dw.com/p/19488
Фотографија: Ulrike Hummel

Чауки Акил (на фотографијата горе) е десетар во баталјон за логистика. При транспорт на материјали тој носи одговорност за војниците. Вели дека секогаш мора да биде со полна концентрација. Таа пак, е загрозена токму во текот на Рамазан, кој почнува денеска (09.07). Од изгрејсонце до зајдисонце муслиманските верници постат, односно се воздржуваат од храна и течности. Кога месецот на постите се паѓа в лето, како годинава, постењето е особено тешко заради температурите и долгите денови.

Тешка одлука

„Кога сте на мисија во странство е тешко. На пример, во Авганистан, поради одговорноста која ја имаме мојата единица и јас, одлучив дека не можам постењето да го усогласам со својата совест.“

Islamisch erlaubte Kost
Халал-хранаФотографија: Ulrike Hummel

Како војник на Бундесверот во Авганистан тој бил изложен на неизржлива горештина, како и телесни и психички оптоварувања. Сепак,  треба да се остане и чувствителен кон странската култура. Да се пости или не - за муслиманските војници тоа е често тешка одлука, која на крјаот на краиштата секој ја носи за себе. Времето на пост е еден од столбовите на исламот и обврска, но од друга страна, постење во екстремни ситуации, од медицински агол на гледање, може да биде проблематично, вели Михаел Фауст, шеф на Универзитетската клиника Келн: „При напорни мисии е неопходна висока концентрација. Во тие ситуации е неопходно барем внесување течности.“ Без јадење може да се издржи и подолго време, доколку калориите се внесуваат пред или потоа, нагласува Фауст. „Тоа од здравствен аспект не е особено неопходно, но не е ниту драматично.“

Верска обврска - со исклучоци

Одлука во согласност со совеста - во одделни случаи има исклучоци за муслиманските верници. „Болните и лицата кои патуваат, бремените жени, мајките кои дојат и постарите лица смеат да не постат и тоа може да го надополнат подоцна“, вели експертот за ислам Ерол Пурлу. Истото важи и за луѓето кои имаат многу тешки професии. „Времето на постење треба да му е од полза на здравјето, а не да му штети“, вели Пурлу.

Erol Pürlü
Ерол ПурлуФотографија: Ulrike Hummel

Десетарот Чауки Акил годинава за време на Рамазан е во касарната во Уна. Дел од редовните обврски се спортски активности и стрелање. При дневен пост од 18 часа, тоа не е лесно.

За време на месецот на пости мора да се направи прилагодување на дневниот распоред. „Постењето во Бундесверот е нешто потешко поради тоа што има заедничка кујна“, вели Акил. „Однапред мора да се договорат времињата на оброците“, вели тој, додавајќи дека мора, на пример, да се вечера секој ден неколку минути порано поради заоѓањето на сонцето. Се‘ функционира добро, уверува десетарот.

Fastenbrechen Ramadan Essen Zuckerfest Familie Religion Tradition
Рамазан има и социјално значењеФотографија: picture-alliance/dpa

Бундесверот го има прилагодено и менито, во рамки на законските можности. Муслиманите во армијата може да јадат исламски дозволена храна, која се нарекува „халал“. Тоа, на пример, значи дека оброците не смеат да содржат свинско месо, ниту алкохол. Табу се и некои други производи, како желатин.

Некои муслимани настојуваат да јадат месо само од животни кои се заклани според верски закони. Тоа кујната на Бундесверот не може да го понуди, вели Акил, затоа што таквиот начин на колење е спротивен на германските закони.

Кога планот на обврски тоа го дозволува, Акил дневниот ритуал на постење го прави заедно со семејството. Зашто во текот на светиот месец не станува збор само за откажување и пост, туку Рамазан е време кое има и големо социјално значење. Муслиманите навечер често, колку што е тоа можно, јадат заедно. Освен тоа, лице што пости во времето на Рамазан треба да почувствува како им е секојдневно на луѓето кои се гладни и жедни, за да се стане солидарен со нив.