1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ракoводителот на ФЕМА вратен во Вашингтон

10 септември 2005

Први персонални консеквенци поради лошото справување со последиците од ураганот Катрина – Мајк Браун, шефот на Службата за заштита од катастрофи, е вратен во Вашингтон. На негово место доаѓа адмирал на крајбрежната стража.

https://p.dw.com/p/AcCm
Мајк Браун се враќа во Вашингтон
Мајк Браун се враќа во ВашингтонФотографија: dpa

Конгресмените во Вашингтон со денови бараа оставка на шефот на Фема, Мајкл Браун. Сега, чашата е прелеана, со извештајот на магазинот “Тајм“ во кој се тврди дека биографијата на Браун била на неколку места разубавена. Министерството за заштита на татковината, под кое спаѓа Фема, го замени Браун со адмирал на крајбрежната стража. Министерот Мајкл Чертоф изјави:

“Наредив Мајк Браун да се врати во Вашингтон, за таму да се грижи за националните обврски на Фема. Истовремено го именував адмиралот Тад Ален за раководител на операциите во кризното подрачје и акциите за спасување во регионот погоден со катастрофата.“

Чертоф го пофали Браун уште еднаш за неговите заложби во операцијата по Катрина, но ова би можел да биде првиот чекор од едно повлекување на рати.

На Браун му се префрла дека не побарал навреме поддршка на армијата откако станало јасно колкави се димензиите на катастрофата по ураганот. Освен тоа, тој мораше да признае дека за илјадниците луѓе што беа собрани во центарот за конвенции во Њу Орлеанс, и кои таму чекаа на помош во услови недостојни за човекот, дознал преку медиумите, иако бил на лице место.

Со назначувањето на адмирал Ален, владата на Буш не одговара само на повиците за персонални консеквенци поради лошото менаџирање на помошта, туку натамошниот кризен менаџмент во заливот дефинитивно и го препушта на армијата. Утре, американскиот претседател, Џорџ Буш, повторно ќе отпатува во кризниот регион – по третпат во последните осум дена.