1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ракометот - спорт во подем во Македонија

27 октомври 2011

Ракометот се наметнува како спорт број еден во Македонија во изминатиот период, а екипата на Металург е перјаницата на овој тренд со извонредните успеси што ги постигнува во регионалните и во европските натпреварувања.

https://p.dw.com/p/12zSA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ракометот во моментов е еден од спортовите со најголема фреквентност. Металург, македонската ракометна перјаница во изминатите неколку сезони е во средиштето на вниманието. Актуелностите за Дојче веле ги коментира капитенот Ванчо Димовски:

„Ова е за нас многу интересна и необична сезона. Во последниве неколку години првпат играме толку многу натпревари, по 2-3 неделно. Засега добро се справуваме со овој предизвик. Од почетокот на сезоната поразени сме само еднаш и тоа од германскиот Хамбург.“

Лигата на шампионите, приоритет

Лигата на шампионите е приоритетниот предизвик за Металург. По 4 одиграни кола, во групата во која германскиот Хамбург е апсолутен фаворит, добри се изгледите на македонскиот првак да избори место во нокаут фазата: „Некако се поклопија работите за влез меѓу првите 16 екипи во Лигата на шампионите. Со ова се зголемија апетитите во клубот и сега ќе се бориме за што подобра позиција во групата. До крајот на годината двапати ќе играме во Скопје, против Констанца и Санкт Петербург и имаме гостување на Констанца. Од овие натпревари целта ни е во два да победиме, што не носи сигурно во нокаут фазата.“

Vanco Dimovski Handballspieler Mazedonien
Ванчо ДимовскиФотографија: DW/Z. Kalinski

Долго беше најавувана, од неодамна старуваше и Регионалната ракометна лига со учество на екипи од земјите од поранешна Југославија и уште од неколку други земји од Средна Европа. Металург и Вардар се македонските претставници. За првите искуства Димовски вели: „Имаме добри натпревари. Ова е сосема различно од мечевите во Македонската лига кога победникот однапред беше познат. Мислам дека оваа лига ќе заживее. Со тоа во Македонија би се гледале добри натпревари, преку настапите на Металург и Вардар. Тоа значи по два квалитетни натпревари неделно, што досега не бил случај“.

Една од актуелните теми е и македонската репрезентација. Ванчо Димовски е селектиран за претстојниот турнир во Осло, на кој ќе играат уште Норвешка, Португалија и Литванија. „Не очекува турнирот во Норвешка во текот на викендот. Добра можност да се собереме, бидејќи не сме имале репрезентативен натпревар уште од јуни. По турнирот во Норвешка ќе ни преостанат месец и половина за подготовки за европското првенство.“

Европското првенство, шанса на генерацијата

До Европското првенство во Србија остануваат неполни три месеци. Македонија ќе игра во групата во Ниш против Шведска, Германија и Чешка. „Шансите се подеднакви! Можеби Германија има мала предност. Свесни сме дека најважен ни е првиот натпревар против Шведска, кога ќе се создаде ударната еуфорија. За мене ова ќе е увертира и шанса за добар наш настап. Потоа ќе уследи мечот со Германија и на крај со Чешка. Со Чешка исто така, може се да решава за вториот круг, но сметам дека би било подобро ако пред тоа имаме два бода. Во втората фаза веројатно би не очекувале екипите на Србија на Полска и на Данска. Европско првенство е! Факт е дека е ова шанса на нашата генерација. Добро ако се подготвиме и повредите ако не заобиколат, ќе можеме со секого да се надигруваме и секого да го победиме“, тврди најдобриот македонски пивотмен, Ванчо Димовски.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска