1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ракетен напад врз полициска централа во Анкара

СН/емф/миа/афп/ап21 септември 2013

Зградата на директоратот на националната полиција во турскиот главен град била нападната со ракети. Во нападот во населбата Дикмен немало човечки жртви, а предизвикана е материјална штета.

https://p.dw.com/p/19lTi
Фотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

Турските власти соопштија дека убиле маж, кој е осомничен за синоќешниот ракетен напад врз зградата на полицијата во Анкара, додека уште еден осомничен бил повреден.

Двајцата напаѓачи биле пронајдени во близина на универзитетски кампус. Две ракети синоќа ја погодиле зградата на директоратот на националната полиција во предградието Дикмен, а третата паднала во дворот. Полицијата ја блокира областа, каде пронајде и една неексплодирана граната.

Градоначалникот на Анкара Мелих Ѓукчен потврди дека нема жртви во инцидентот, меѓутоа причинета е материјална штета.

Турскиот министер за внатрешни работи Муамер Гулер истакна дека полицијата во близина на местото на нападот пронашла еден рачен минофрлач и материјал кој и’ припаѓа на „нелегална организација“. Медиумите во Турција без официјална потврда за нападот ја сомничат левичарската екстремистичка група ДХКП-Ц. Таа во март годинава ја презеде одговорноста за сличен напад врз зградата на министерството за правда како и врз седиштето на владејачката партија АКП (насловна фотографија).