1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размена на облека наместо шопинг

К. Јагов/Дуда / Е.М.Фиданоска22 август 2013

До вчера беше шопинг, денес е свопинг, или размена. Во една продавница за козметички производи во Берлин се организираат забави на кои се разменува облека.

https://p.dw.com/p/19P1h

Дамите се во лов на евтини „крпчиња“. Мари-Луизе Хајд, една од гостите на „свопинг“-приредбата во Берлин, вели: „Убавото е што доаѓаш овде, а немаш никаква претстава и некако оставаш да бидеш изненаден од она штo ќе произлезе на крајот.“

За донесените богатства од орманот се добиваат т.н. долари за размена, како некој вид платежно средство. „Доларите“ ги делат организаторката на забавата Карин Фрелих и нејзиното жири.

„Ова е слатко. Сега сме на 23... Имаме вредности за ориентација. За маички најчесто се даваат 2 до 4 долари, зависно од тоа дали имаат нешто особено или се во особено добра состојба. Оваа сега доби два долара. За вакво парче се добива нешто повеќе, 4 долари, зависно од тоа колку е префинето. За јакна, се разбира, се добива уште повеќе“, објаснува Фрелих.

Symbolbild Studentenjob
Наместо купување - разменаФотографија: Fotolia/Peter Atkins

Евелин, една учесничка на забавата, за своите парчиња облека доби вкупно 68 долари за размена. Тоа се парчиња облека што одамна не ги носела:

„Работи кои секогаш ги чував, од кои не можев да се разделам. Инаку, донирам на хуманитарни организации, но од овие работи не можев да се разделам и сега си реков - ова е добра прилика за тоа.“

Друга можност за разделба од омилени парчиња облека Катрин Фрелих нуди на својата веб-страница. Таа сака висококвалитетна „секнд хенд“ мода, но сака да даде и пример за одржлива потрошувачка.

„Како дизајнер знам колку е сето ова обемно и колку работа е потребна за производство на едно парче, а поради ниските цени сето тоа воопшто не се забележува. Сметам дека во иднина ќе мораме поинаку да стопанисуваме. Не можам да си претставам да продолжиме и натаму со вакво расипништво во однос на ресурсите. Ако нешто ви е здодевно, затоа што сте го облекле три пати, не значи дека тоа веќе нема вредност и за некој друг може да биде повод за радост.“

На забавата за размена радоста поради модните откритија е голема. „Ова ми се допаѓа! Да!“, вели Евелин, гордо покажувајќи на фустанот што го одбрала.

Евелин не е единствената што пронајде ново омилено парче облека за себе. Така, пак, доларите за размена повторно ќе бидат вратени кај Карин Фрелих.