1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радикалите освоија најмногу гласови, демократските сили се прогласија за победници

Саша Бојиќ22 јануари 2007

За многумина парламентарните избори во Србија беа означени како судбински. 6,6 милиони гласачи избираа меѓу патот на Србија кон НАТО и ЕУ или кон натамошна изолација на земјата. Резултатот од гласањето е двосмислен: иако најголем број гласови освоија радикалите, за победници се прогласија демократските сили во земјата.

https://p.dw.com/p/Abzw
Радикалите најсилни
Радикалите најсилниФотографија: AP

Испорачувањето на поранешниот српски генерал Ратко Младиќ обвинет за воени злосторства и иднината на Косово – ова се најважните прашања за кои ќе мора да решава новата српска влада. Вчерашните ибори во Србија предизвикаа големо внимание кај населението. На гласање излегоа околу 60% од граѓаните со право на глас. На гласачките места видливо имаше повеќе млади луѓе. Експертите од Центарот за слободни и избори и демократија се едногласни: високата излезност се должи на оние сили кои по падот на Слободан Милошевиќ од пред шест години конечно сакаат да ја преземат судбината во свои раце.

Според првичните резултати победа на изборите извојува националистичката Радикална партија на Србија. Тие со освоените 29% или 81 мандат повторно се најсилната партија во парламентот. Но, мали се шансите да формираат владина коалиција бидејќи им недостасуваат коалициони партнери. Второпласираната партија на претседателот Борис Тадиќ се залага за формирање на коалиција на демократските сили. Потпретседателот на Демократската партија Дараган Шутановац:



„Сега е најважно да се формира влада колку што е можно побргу. Бидејќи имаме големи проблеми со кои мора итно да се справиме: прашањето за статусот на Косово, соработката со хашкиот трибунал и европската перспектива на нашата земја“.

Сојузот на Демократската партија на Србија, ДСС на премиерот Коштуница, според првичните резултати може да смета на освоени 48 мандати со што е трета партија во парламентот. Со оглед на фактот дека ДСС може да коалицира со поголемиот дел од партиите во земјата, тие имаат најголеми шанси да формираат коалциона влада. Европската Унија од актуелниот премиер Коштуница очекува изградба на демократска формација.

„Одговорност за нас значи да не се изјаснуваме за се пред партиите да изработат соодветна и јасна платформа. Што се однесува до формирањето на влада, мора прво да се види кој ќе го има мнозинството во парламентот,“рече Коштуница на средбата со новинарите.

Границата од пет проценти за влез во парламентот утвредна со Уставот ја поминаа и двете демократски и проевропски настроени партии Г17 Плус и Либералдемократското движење. Во Парламентот ќе бидат застапени и претставници на Социјалистите на починатиот диктатор Слободан Милошевиќ. Лидерот на Г17 Плус, Млаѓан Динкиќ изјави:

„За нас сега најважно е да се постигне договор меѓу партиите од демократскиот блок за да се формира една солидна и цврста влада на демократско единство. Има услови за тоа и ние сакаме да дадеме свој придонес.“

Демократските сили во Србија имаат голема поддршка од странство каде гласале околу 36 000 Срби. Тие најмногу ја поддржале Демократската партија на претседателот Тадиќ со 38% од гласовите што е многу повеќе од гласовите кои во странство ги добиле ДСС или Радикалите.

Во првичниот биланс, набљудувачите на изборите јавуваат за мали нерегуларности. Поголеми проблеми или нарушување на гласањето не е забележано.