1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работата на „црно“ - привиден спас од невработеностa

Свето Тоевски 1 мај 2012

Според Заводот за статистика, во Македонија има околу 298 илјади невработени лица, а вработени околу 640 илјади. Работата на „црно“ е широко распространета во земјата.

https://p.dw.com/p/14nRG
Фотографија: DW

На плоштадите и тротоарите во градовите многу луѓе продаваат компакт-дискови, чорапи, детски играчки и разни дребулии. Илјадници млади со разни степени на образование, или без стручни квалификации, пишуваат семинарски трудови, чуваат деца, но работат и како физички работници во градежништвото и сезонци во земјоделството. Многу голем број од нив работат повеќе од 10 часови во денот, непријавени, без договори и без платени пензиски и здравствени придонеси.

Младите невработени тонат во сиромаштија

Јорде Јаќимоски, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, изнесува дел од најважните согледувања од „длабинската“ студија за невработеноста, што ја изготви оваа институција:

„Учеството на релативно младите луѓе на пазарот на трудот е намалено. Нивното подолготрајно чекање на вработување крие во себе голема опасност за социјалниот мир и стабилноста на самото општество. Долгорочната невработеност ги обесхрабрува младите. Голем број од испитаниците бараат да се сопре со партиските вработувања во земјата, да се отвораат нови мали и средни претпријатија со нови работни места, да се одобруваат банкарски кредити за вакви намени со поволни каматни стапки и да се преземаат други мерки за намалување на невработеноста“.

Тој посочува дека особено младите тонат се’ повеќе во сиромаштија: „Полнолетното младо население, како невработено, живее од поддршката на семејството, односно од солидарноста на семејството и најблиските роднини. Долготрајната невработеност ги прави младите фрустрирани и незадоволни, бидејќи се принудени да ги одложуваат во недоглед функциите, кои се значајни за поединците и општеството: склопување брак, родителство и слично. Се поместува старосната граница за стапување во брак. Кај воспоставените брачни заедници доаѓа до нарушување на функциите на самото семејство, ако сопружниците се невработени“.

Bauarbeiter in Tetovo
Младите тешко наоѓаат вработувањеФотографија: DW

Голем број безработници чекаат работа повеќе од 8 години. Меѓу нив најмногу ги има на возраст од 20-29 години. Во ваквата ситуација мнозина спасот го бараат во „сивата економија“, во работењето на „црно“.

Околу 150 илјади лица работат непријавени

Лилјана Јанкуловска од Сојузот на синдикатите на Македонија напоменува: „Нашите анализи укажуваат дека сивата економија и работата на ’црно’ се одржуваат континуирано веќе подолг временски период на нивото од 30-35 проценти од бруто-домашниот производ. Сметаме дека има околу 150 илјади луѓе, кои работат непријавено“.

Лулјета Садику, предавач во Економскиот факултет во Државниот факултет во Тетово, како експерт за „сивата економија“, изнесува сознанија од своите истражувања, кои се нешто поразлични наспрема оние на синдикатите:

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Сивата економија се одржува континуирано, сметаат од ССМФотографија: Petr Stojanovsk

„Според најновите проценки, базирани врз монетарниот пристап и други научно-истражувачки методи, утврдив дека ’сивата економија’ не е 30-35, туку 28-30 проценти од бруто-домашниот производ. Значи, опаѓа и непријавената работа во споредба со претходните три години“.

Јанкуловска посочува: „Стапката на невработеност постојано опаѓа, што е добар показател дека работодавачите започнуваат да ги пријавуваат сите вработувања. Активноста на државниот инспекторат за труд е многу поголема и зајакната. Секој може да пријави работодавач кај има вработени на црно“.

Во одговорот на прашањето како се „намалува“ невработеноста, дали со реални нови вработувања, или со административни бришења илјадници лица од евиденцијата во Агенцијата за невработени, Садику изнесува дека не е уверена оти има реален пад на невработеноста: „Нема многу нови вработувања. Ги има во помал процент“.

Професорот Јаќимоски е категоричен: „Вработувањата во ’сивата економија’, каде што не се евидентирани, како моментно решение е добро за општеството, но, на подолг временски рок тие се лошо решение. Итно треба да се легализираат овие вработувања, тие работодавачи треба да започнат да ги пријавуваат таквите вработени и да плаќаат придонеси и даноци за нив. Полнејќи се, со тоа корист ќе има и државниот буџет. Ефектите од тоа ќе ги почувствува целата економија“.

Во Македонија, во која бројката на непријавените работници е безмалку колку половина од бројката на оние официјално вработени, колку подолго ќе се толерира работата на „црно“, како цена за одржување на социјалниот мир во државата, толку подлабоки и поопсежни ќе мора да бидат економските мерки за отстранување на последиците од оваа негативна општествено-економска појава.