1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пeкинг го цензурира извештајот за премиерот

Рут Кирхнер / Елизабета Милошевска Фиданоска27 октомври 2012

Семејството на кинескиот премиер Вен Џиабао, според весникот „Њујорк Тајмс“, натрупало богатство тешко милијарди евра. Пекинг е огорчен поради ваквите информации и го блокира пристапот до интернет страницата на весникот.

https://p.dw.com/p/16Y5T
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кинескиот премиер Вен Џиабао се претставува радо како близок до народот и скромен. Сепак, семејството и роднините на премиерот, според весникот „Њујорк Тајмс“, натрупале богатство од милијарди. Нивниот удел во различни фирми е вреден околу 2,1 милијарди евра. Кина ваквиот извештај го оценува како неточен.

Откритијата се повеќе од непријатни

За богатството на кинеските врвни политичари и нивните семејства во Кина се шпекулира постојано, но ретко има цврсти факти. Тоа е официјално една од најголемите табу теми.

Така е и овојпат, откако „Њујорк Тајмс“ги објави резултатите од повеќенеделните истражувања. Интернет страницата на весникот е веднаш блокирана. Извештаите на странските телевизиски станици се прекинуваат, а екраните привремено се едноставно - црни.

New York Times Logo.jpg
Семејството на кинескиот премиер Вен Џиабао, според весникот „Њујорк Тајмс“ натрупало богатство тешко милијарди евраФотографија: AP

Откритијата за семејството на Вен Џиабао се повеќе од непријатни на само неколку дена пред 18. Конгрес на Комунистичката партија на Кина, која има намера да се презентира како блиска на народот. „Ваквите извештаи ја валкаат Кина, зад тоа стојат лоши намери“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Хонг Леи. Околу цензурата на извештајот само се коментира: „Кина се однесува со интернетот согласно правото и законите.“

Весникот „Њујорк Тајмс“, според сопствени наводи, анализирал официјални податоци и податоци на претпријатија и од таа анализа произлегло дека семејството на Вен има учество во фирми во висина од 2,1 милијарда евра.

China Volkskongress in Peking Große Halles des Volkes
На конгресот на Комунистичката партија требаше да биде пренесена слика за партија блиска до народотФотографија: AP

Според весникот, премиерот Вен лично нема директно учество во ниту една фирма, но меѓу другите, неговиот син и ќерка му, како и брат му и неговиот зет, се наведени како лица кои имаат удел. За време на неговиот мандат тие станале „многу богати“, пишува „Њујорк Тајмс“. Голем дел од богатството на семејството Вен се контролира од страна на далечни роднини, а не од сопругата или од децата.

Голема спротивност со имиџот на Вен

Откритијата на „Њујорк Тајмс“ се во голема спротивност со имиџот на Вен во Кина. Тој радо се претстатвува како скромен и близок до народот. Државната телевизија го прикажува често во стари јакни и чевли како ги охрабрува луѓето кои се жртви на катастрофи. „Јас посветив 45 години од мојот живот во служба на државата“, рече тој во март, на својата последна голема прес-конференција.

ARCHIV Politiker Bo Xilai
Бо Силај е обвинет за злоупотреба на службената положба и поткупФотографија: picture-alliance/dpa

Интернет коментаторите откритијата за богатството на семејството на Вен ги оценуваат како борба за превласт во врвот на партијата. Вен важи за човек кој донекаде е расположен за реформи. Тој наредната година ќе замине во пензија, но како и многумина други стари кадри би можел да влијае врз нештата од зад кулисите. Негови противници се поддржувачите на врвниот политичар кој падна во немилост - Бо Силај. Тој е обвинет за злоупотреба на службената положба и поткуп.

Новинската агенција Блумберг во јуни годинава известуваше за милионското богаство на семејството на кинескиот потпретседател Кси Џинпинг, кој во ноември треба да стане нов шеф на партијата, а потоа и претседател на Кина. Оттогаш, во Кина се комплетно блокирани и интернет страниците на Блумберг.