1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин ја обвинува ЕУ за уцена на Украина

Е.М.Фиданоска /дпа/афп22 ноември 2013

Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Брисел дека ја уценува Украина. Јулија Тимошенко ги повикува Украинците на протести.

https://p.dw.com/p/1AMZS
Фотографија: AFP/Getty Images

Европејците и‘ се закануваат на Украина и ги финансираат поддржувачите на ЕУ, изјавил рускиот претседател Владимир Путин, а пренесува агенцијата Интерфакс. „Тоа е притисок и уцена“, оценил Путин. ЕУ, пак, од своја страна ја обвинува Русија дека ја принудила Украина на отстапки под закана со трговски санкции.

Украинскиот премиер Микола Азаров одлуката за ставањето под мраз на Договорот за асоцијација со ЕУ го образложи со економски причини. „Оваа одлука беше диктирана исклучиво од економски причини и не ја менува стратешката определба на земјата“, рече Азаров денеска (22.11.) во Киев. На парламентарната седница Азаров нагласи дека заклучокот имал „тактички карактер“. Опозицијата во парламентот извикуваше „срамота“, а дел од пратениците се обидоа и да ја блoкираат говорницата. Седницата беше прекината, без Азаров да одговара на прашања на парламентарците.

Европската комисија е воздржана околу предлогот на Украина да се водат трипартитни разговори за трговските односи заедно со Русија. Високата претставничка за надворешна политика Кетрин Ештон изјави дека одлуката на Киев е „разочарување не само за ЕУ, туку и за украинскиот народ“.

Ukraine Proteste für europäische Integration in Kiew 21. Nov. 2013
Илјадници луѓе протестираа во КиевФотографија: picture-alliance/AP Photo

Во Украина ноќеска илјадници луѓе протестираа против курсот на владата. „Заедно сакаме да ја пренесеме пораката дека Украина припаѓа кон Европа и дека сака да биде демократска држава“, рече, обраќајќи им се на демонстрантите, опозициониот политичар Витали Кличко. Повик за натамошни протести до Украинците денеска упати затворената опозициона политчарка Јулија Тимошенко.

Украина ги стопираше подготовките околу Договорот за асоцијација со ЕУ, кој требаше да биде потпишан наредната недела на самит во Вилнус. Владата во Киев предлага наместо договорот да биде основана Комисија со Русија и ЕУ за трговски прашања. За ваквата одлука беа наведени три причини: мора да биде осигурана националната безбедност, треба да се заживеат повторно економските односи со Русија и домашниот пазар да се подготви за да биде на „рамниште на ЕУ“. Претходно, рускиот претседател Владимир Путин и‘ се закани на Украина дека земјата ќе ги загуби трговските предности со Русија доколку го потпише договорот со ЕУ.