Путин – Медведев нов тандем на чело на Русија
18 декември 2007Реклама
Реално погледнато, меѓутоа, Медведев и не беше главниот актер на свеченоста. Настапот на Владимир Путин беше она што сите го очекуваа. Тој пак пред делегатите свечено изјави дека стои на располагање како иден премиер на Русија – секако под еден услов:
„Ако граѓаните на Русија му ја дадат довербата на Дмитри Медведев и го изберат за претседател на државата, тогаш сум подготвен да ја продолжам нашата соработка, во тој случај како премиер на Руската Федерација.„
Путин нагласи дека не е потребна промена во односите на моќ меѓу премиерот и претседателот. Тој на делегатите на Конгресот на „Обединета Русија„ најтопло им го препорача Медведев:
„На Конгресот му предлагам да го номинира Дмитри Медведев. Тој е апсолутно чесен и пристоен човек. Веќе работеше во разни подрачја, каде не беше лесно. Можам со полна доверба да кажам дека највисоки приоритети за Дмитри Медведев се интересите на државата и на нејзините граѓани!„
Медведев е стар соборец и соработник на актуелниот руски претседател, иако не доаѓа од редовите на тајните служби. Тие се познаваат повеќе од 17 години и за прв соработуваа во градската управа на Санкт Петерсбург. Сега Медведев е вице премиер и задолжен е за образованието, социјалата и земјоделството. На Западот, пак, му е познат пред се‘ како поранешен Претседател на Управниот одбор на Газпром.
Во првата реакција по номинирањето Медведев посочи:
„Навистин сум радосен што Владимир Путин ја прифати понудата. Заедно во тим, поддржани од парламентарното мнозинство и заедно со новата влада можеме да ги разрешиме и најкомплицираните проблеми.„
Изборот на Дмитри Медведев за нов руски претседател се смета за сигурен. Така тој и Путин ќе бидат новиот тандем на чело на руската држава и секако ќе го продолжат сегашниот курс.
Реклама