Путин го потпиша законот за НВО
21 јули 2012Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша во меѓународни рамки критикуваниот закон, кој предвидува невладините организации во Русија поддржувани од странство да се класифицираат како „странски агенти“. Ова денеска (21.07) е соопштено во Кремљ. Со ова стапува во сила законот кој го подготви владејачката партија Единствена Русија и кој уште пред летната пауза по брза постапка беше одобрен од двата дома на парламентот.
Во иднина сите невладини организации кои примаат пари од странство и се политички активни во Русија, ќе мора да извршат специјална регистрација. Освен ова, во иднина тие ќе бидат изложени на строги финансиски контроли. Доколку се утврди прекршување на законите предвидени се високи парични казни и затвор.
Официјално законот служи за тоа да се спречат странски држави да влијаат врз внатрешната политика на Русија. Путин ги обвини САД дека ги поддржувале неодамнешните протести против неговиот трет претседателски мандат.
Критичарите стравуваат дека со овој закон во фокусот ќе бидат пред се’ оние организации кои се борат за човековите права и правата за слобода. Овен ова тие сметаат дека ознаката „странски агенти“ имплицира обвинување за шпионажа и би можело да му штети на угледот на невладините организации.