1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пулсирања на стопанството

З.Ј.7 јули 2008

Избор на вести од германската и светската економија

https://p.dw.com/p/EWIx
Турбултенти движења на светските берзиФотографија: DW-TV

Висока цена на горивата

Високите цени на горивата и енергијата доведоа до значителни покачувања на транспортните трошоци во Германија. Во првиот квартал од годинава патниот транспорт поскапе за 3 проценти, шинскиот за 4 ипол, додека бродскиот скокна за цели 8,7 насто.


Високите цени на фосилните горива и загриженоста поради затоплувањето на климата, според УНЕП (Еколошката програма на ОН), предизвикаа бум кај обновливите извори на енергија. Инвестициите во користење сончева и енергија на ветрот, како и во таканареченото биолошко гориво лани се зголемени за околу 60 проценти и достигнаа вкупен обем од 148 милијарди долари. Тоа е за трипати повисок пораст од претходните прогнози на УНЕП.

Стопански пораст

Стопанскиот пораст во Кина, според тамошни економисти, годинава се одвива со малку позабавено, иако и натаму високо темпо. Се очекува стапка од 10,3 проценти, наспроти минатогодишните 11,9 насто. Умереното забавување ќе придонесе за смирување на инфлацијата и за намалување на потрошувачката на суровини и емисиите на штетни гасови.

Во втората половина од 2008-ма се предвидува динамизирање на стопанските активности поради санацијата на последиците од земјотресот во мај. Катастрофата, која однесе 70 илјади човечки животи и 10 милиони луѓе остави без покрив над глава, според вицегувернерот на погодената провинција Сечуан, предизвика директна материјална загуба од околу 92 милијарди евра. Првично, во мај, кинеската влада штетата ја процени на нешто преку шест милијарди евра.


Расположението кај големата индустрија во Јапонија повторно се влоши. Централната банка соопшти дека индексот во меѓународно реномираната Танкан-анкета во изминатиот квартал паднал од 11 на 5 поени. Ова е веќе трет последовен квартал во кој очекувањата на стопанствениците бележат назадување.

Зголемување на платите на менаџерите

Платите на раководителите на 30-те најголеми германски акционерски друштва во изминатите две децении пораснале значително повеќе, отколку платите на другите раководни кадри. Од стартот на Германскиот индекс на акции - ДАКС во 1988-ма година, примањата на врвните менаџери се зголемени за седум пати: од тогашните просечно 445 800 евра, на 3,33 милиони денес. Платите на шефови на фирми кои не се берзански ориентирани се само двојно зголемени - од 132 на 268 илјади евра.

На американскиот пазар на автомобили во јуни продолжи трендот на опаѓање на продажбата на возила. Покрај домашните производители, од него се погодени и БМВ и Порше. Успех забележаа Фолксваген и Дајмлер. Фолксваген пласира 23 208 возила, што е најголем број за последните 22 месеци.

Поефтино телефонирање

Телефонирањето со мобилни телефони во странство - но во рамките на ЕУ, ќе поевтини. Според едно минатогодишно решение, на крајот на август годинава во земјите на ЕУ мора да бидат намалени таканаречениите роаминг-такси. Повик од странство ќе чини 46 центи наместо сегашните 49, додека повиканиот наместо 24, ќе плаќа 22 цента.