Пукотници во францускиот весник „Либерасион“
18 ноември 2013Напаѓачот, за којшто се претпоставува дека е извршител и на сличниот напад во телевизијата БФМТВ, е во бегство. Потрагата по него се одвива интензивно.
Според извори во истрагата, вооружениот напаѓач има околу 40 години, а мотивот за неговото дело е непознат. Тој претпладнево влегол во холот на зградата на весникот и пукнал двапати со т.н. памп-ган. Притоа погоден бил 27-годишниот фото-асистент, и тоа еднаш во градите и еднаш во долниот дел на стомакот.
Во телевизијата БФМТВ во петокот (15.11.) исто така се појави вооружен маж, кој изрекол нејасни закани кон новинарите, но не пукал. „Следниот пат нема да ве промашам“, извикал тој пред да исчезне.
Денеска, околу еден час по нападот во „Либерасион“, се слушнаа истрели и во деловниот кварт на Париз, пред банката Сосиете Женерал. Притоа, според полициски наводи, не е повреден никој. Напаѓачот успеал да побегне.
Пред најважните медиумски куќи во францускиот главен град се зајакнати мерките за безбедност. Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека е погоден од нападот во „Либерасион“. Тој од министерот за внатрешни рбаоти побара да бидат преземени сите мерки за пронаоѓање на напаѓачот и расчистување на делото.
Првиот човек на куќата која го издава весникот „Либерасион“, Никола Деморан, оцени дека ако весниците и медиумските куќи треба да се претворат во „бункери“, тогаш „во општеството нешто не оди како што треба“.