Психолошка помош за муслиманите
16 април 2011Катрин Восуги, во просториите на црквата Св. Маврикие во Келн, го завршува последниот дел од обуката за психолошка помош на муслимани. Восуги, 30-годишна лекарка од Келн, и самата муслиманка, ќе им помага на муслиманите во случаи на несреќа.
„По професија сум лекарка и моја задача секогаш е да им помагам на луѓето. Тоа ме мотивира да ја запознаам и другата страна. На обуката се зборуваше за ненадејна смрт кај децата, како и за психолошката помош од аспект на исламот“, вели Катрин Восуги.
Помош за луѓето во неволја
Во подрачјето на Келн веќе една година постои група муслимански помошници при несреќни случаи, кои во кризни ситуации на лице место нудат психолошка помош. Помошниците-доброволци завршуваат шестдневна основна обука, што ја нуди Христијанско-муслиманското друштво во соработка со црквите и муслиманските организации. Ова е втората ваква обука досега, на која Катрин Восуги се квалификува за соработка со локалните служби за психолошка помош. Досега во Германија немаше служби за психолошка помош за муслимани, објаснува Томас Лемен, раководител на Христијанско-муслиманското друштво.
„Психолошката помош е поим со христијански, теолошки карактер. Во исламот нема еквивалент, но има обврска за поединецот и заедницата да им помагаат на луѓето во неволја“, вели Лемен.
Поради тоа се користат различни поими - кај муслиманите се зборува за „придружба при несреќни случаи“. Во Службата за психолошка помош од Келн, која веќе една година соработува со муслиманската Придружба при несреќни случаи, се уверени дека заедничката религија и јазик се голема предност при работењето.
Психолошката помош подлежи на дискреција
Тоа го потврдуваат и Хулја Доган и Миесер Илдем, обете муслимански придружнички при итни случаи. Медиумите не смеат да ги следат при работата, оти психолошката помош подлежи на дискреција. Но, Хулја и Миесер зборуваат за нивните први искуства при работењето. „Требаше да и‘ помогнам на една млада жена да ја преболи загубата на нејзиното дете. Позитивно беше тоа што имаме исто потекло и иста религија, така полесно излеговме на крај со ситуацијата“, вели Хулја Доган.
Миесер Илдем додава: „Во мојот случај стануваше збор за самоубиство на еден семеен човек. Клучен момент при помошта на ова семејство беше јазикот, оти тие не беа многу побожни. Во други семејства, пак, каде религијата е од големо значење, и молитва помага“.
Клучни се заедничкиот јазик и религија
Заедничкиот јазик, религијата и миграциското потекло можат да бидат од клучно значење за поддршката на погодените од несреќни случаи. На нивно барање тие можат да добијат и долгорочна стручна помош преку социјалните служби.
Постојат посебни религиозни ритуали, кои не мора да им се познати на медицинските работници кои укажуваат прва помош. На пример, мажи не смеат да допираат женски лешеви; покривка завиткана околу мртвото тело може многу да придонесе за смирување на роднините.
По завршената обука за придружба при несреќни случаи во Келн, лекарката Катрин Восуги ќе започне сама да работи на терен, како Хулја Доган и Миесер Илдем. Ваква обука сега треба да се врши и во Бон, исто така во организација на Христијанско-исламското друштво од Келн.
Автор: Улрике Хумел/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска