1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на ЕУ продолжува и покрај кризата

26 мај 2010

Економската криза не смее да ја засени агендата на Европската Унија кон земјите од Западниот Балкан. Пораката денеска во Брисел ја соопшти претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо.

https://p.dw.com/p/NXnR
Фотографија: DW / Cöllen

Проширувањето останува европски приоритет, порача претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо по средбата со следниот претседавач, Белгија.

„Сегашната криза, која е сериозна, не смее да биде оправдување за да не се обедини европското семејство, вклучително и балканските земји, доколку овие земји го вложат бараниот напор за исполнување на критериумите за членство“, рече Барозо.

Премиерот на Белгија во заминување, Ив Летерм, кој дојде да ги увери своите партнери дека предвремените избори во неговата земја нема на ниеден начин да влијаат врз европската заложба на официјален Брисел, ја повтори пораката од својата посета на Скопје:

Yves Leterme, Belgiens Prime Minister
Ив Летерм, белгиски премиер на заминувањеФотографија: AP

„Проширувањето е едно од приоритетни досиеја за Европската унија. Како што реков кога бев во Скопје пред неколку месеци, мислам дека и ЕУ и засегнатите земји треба сериозно да ги сфатат барањата за членство. Зачленувањето е базирано врз заслуга и врз приближување на заедничките политики, базирана врз способноста за прием, но и способноста да се постигне бараното ниво на земјите кандидати. Со многу внимание ќе ги третираме овие досиеја, имајќи истовремено предвид дека овие кандидати треба сериозно да се разберат.“

Белгија го презема претседателството со ЕУ на први јули годинава, неполни три седмици по предвремените избори, во контекст на политичка нестабилност, но и на цврста европска заложба, порача премиерот во заминување.

Белгија е една од земјите основачи на Европската унија и една од најискусните европски дипломатии.

Претседателот на ЕК Барозо изрази уверување дека предвремените избори во Белгија нема да влијаат врз европската агенда на следниот претседавач.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска