Професори и селектор фатени на камера
17 јуни 2012На сите 150 лица им е доставен поднесок за направен сообраќаен прекршок, регистриран со новите безбедносни камери. Најчесто регистрирани прекршоци се оние за погрешно паркирање, а камерите регистрирале и минувања преку две полни ленти.
„Казните за ваквите прекршоци изнесуваат од 50 до 300 евра во денарска противвредност, но како што најавивме во наредниот период ќе продолжиме превентивно со предупредување, а не со казнување. Кога ќе стартуваме со казнување наместо предупредувања, во зависност од сериозноста на прекршокот, сопствениците на возилата ќе добиваат Платен налог или Покана за глоба и Записник за сторениот прекршок“, изјави министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Според Јанкуловска, целта на МВР не е да казнува, туку да ја подигне свеста за потребата од совесно почитување на соораќајните правила и прописи. За сега е нејасно кога ќе се започне со казнувањето, но тоа ќе зависи од сериозноста на прекршоците и дали сопствениците на возилата ќе ги потврдат направените прекршоци.
Јанкуловска изјави дека „со ваквиот начин на регистрирање на прекршоците се ограничува арбитрарноста на полициските службеници и можноста на прекршителите да им се простува и прогледува низ прсти“.
„Можам да кажам дека меѓу првите на кои досега им беа доставени предупредувања се двајца познати професори на факултети и селектор на една од македонските национални репрезентации“, изјави Јанкуловска.
Дописите кои содржат фотографии од возилото на местото и времето на направениот прекршокот, се испраќаат на адреса на сопственикот на возилото, без разлика дали се работи за приватно или службено возило.
Камерите досега и помогнале на полицијата да открие и учесници во сообраќајни несреќи со потешки последици, кои побегнале од местото на настананот, најчесто оставајќи некој повреден без да повикаат медицинска помош. Камерите нема да „ловат“ само во Скопје.
„Продолжуваме да работиме и натаму на воспоставување на целосна функционалност на системот и поврзување и ставање во работа и на камерите инсталирани во Тетово“, рече Јанкуловска. Системот за безбедносен видео надзор е дел од проектот „Безбеден град“.