1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190210 Wirtschaftsdetektive

9 април 2010

Бизнисот на Луј Вандерли не знае за циклуси на подеми и падови; се’ едно како му оди на стопанството, тој постојано има нарачки. Се’ додека има стопански криминал, ќе има и работа за него. Тој е стопански детектив.

https://p.dw.com/p/MpAb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Десет, дваесет проценти добивка - каде има вакво нешто? Основно правило во светот на финансиите е дека кај такви случаи или мора да се влегува во екстремно висок ризик, или пак станува збор за криминални зделки. Па сепак, и натаму дури и професионални инвеститори секогаш наново наседнуваат на такви ветувања.

На пример, Бернард Медоф, најголемиот измамник во американската историја, на таков начин проневери 65 милијарди евра од инвеститорите. Тој е в затвор, парите пропаднаа. Навистина? Некои од вложувачите уште се надеваат дека ќе добијат барем нешто назад и му се обратија на стопанското детективско биро „Пелејдин асошиејтс“ во Минхен. Тоа се впушти во потрага по побаруваниот износ од пет милијарди. „Интересен е целиот тој комплекс, фондовите и луѓето што ги дистрибуираат... ситен инвеститор вложува пари во фонд во Австрија, кој потоа ги испраќа кај Медоф. Тие луѓе ги загубија сите свои пари, оти и самиот Медоф веќе нема ништо. Сега е правно прашање дали луѓето, што ги продавале фондовите и добиле хонорар за тоа, треба и да гарантираат за тоа. Во неколку случаи им помогнавме на инвеститорите да добијат нешто од вложеното“, вели Луј Вандерли, Американец, основач на детективското биро.

Bernard Madoff
Бернард МедофФотографија: AP

Детективи во костум и пред компјутер

Кој очекува да го види него на валкана работна маса, со изветвен, истуткан костум и полн пепелник, ќе биде разочаран. Бирото, навистина, се наоѓа на петти кат од една неугледна зграда, но таа се наоѓа во срцето на Минхен, а Вандерли носи сосем пристоен костум. Тука тој и неговите петмина соработници истражуваат кога, на пример, врз раководни лица ќе падне сомнеж дека можеби се корумпирани, или при повреда на патентно право, при измами, а често пати и пред склучување разни договори, оти честопати фирмите сакаат да проверат со кого си имаат работа и дали се точни наводите од деловниот партнер. Претпријатијата не можат да и’ се обратат на полицијата за такви случаи на превентивна проверка. Детективите, покрај тоа, укажуваат и помош кај процеси наоѓајќи и анализирајќи доказен материјал, а честопати и пронаоѓајќи сведоци.

Großraumbüro
Стопанските детективи работат во канцеларијаФотографија: bilderbox

Зошто се анагажираат приватни стопански детективи, кога токму големите концерни располагаат со сопствени безбедносни оддели? „Безбедносните оддели на фирмите често пати се ангажираат само околу интерни работи. Ние добиваме налози и за работи надвор од фирмата - да истражуваме за измама или кога, на пример, деловните партнери во Азија, Јужна Америка, се подмитени. Тука не ангажираат нас“, вели Луј Вандерли.

За разлика од телевизиските криминални серии, работата на стопанските детективи прво се одвива сосем неспектакуларно, во канцеларија, на компјутер. Тие истражуваат во јавните регистри и во обемните меѓународни банки на податоци. Понекогаш е сепак неопходно и да се напушти бирото, да дури и да се дејствува во странство. На пример, кога мора да се обезбедат оригинални документи или да се пронајде сведок во друга држава. Во такви случаи на Вандерли му стои на располагање меѓународна мрежа од 250 лица, меѓу нив и адвокати, поранешни банкари, новинари и полицајци. Сите тие не можат да се пожалат на недостиг од налози од страна на Вандерли ни во време на економска криза. „Ние сме ациклични. Нам ни се зголемува обемот на работа и кога стопанството бележи пораст, но и кога е во рецесија. Ова е време на тужби. Сега добиваме многу налози и во врска со плагијати, оти со тоа се прават многу пари во тешки времиња“.

Автор: Инса Вреде/Зоран Јордановски

Редактор: Алемсадра Трајковска