1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протест против третманот на азилантите во Германија

Фридел Таубе/ Александра Трајковска16 јули 2012

Во Келн неделава на невообичаен начин се изразува протест против германската политика за азил: околу 1.000 луѓе собрани во шаторите крај Рајна сакаат да го свртат вниманието кон проблемите на бегалците.

https://p.dw.com/p/15YIF
Фотографија: No Border Köln 2012

Камп со шатори подигнат недалеку од центарот на Келн, директно на Рајна. А. (иницијал на бегалец од Брегот на Слонова Коска) делува помалку изгубено крај новите сместувалишта, кои наредните денови ќе бидат негов дом. Дом? што значи тоа за човек како него кој во Германија дојде од Брегот на Слоновата Коска за тука да поднесе барање за азил? Во Келн А. дојде за да протестира против животните услови како барател на азил. Шаторскиот камп подигнат под мотото „No Border Camp“ отвора повеќе можности за тоа.

Барателите на азил не смеат да го напуштат место каде се пријавени

„Не беше лесно да се дојде во Германија. Тоа беше бегство. Во мојата татковина имаше војна, а јас имав и приватни проблеми“, се сеќава А. Во Германија пристигнал со авион, сега треба да биде донесена одлука, дали смее да остане. Тој е конфронтиран со многу потешкотии. „Јас живеам во прифатен центар. Јадењето не е добро, живеам со четири луѓе во една соба и многу е тесно. Добивам само 40 евра месечно. Тоа не е човечки живот, тоа е нечовечки“, вели А.

No Border Camp 2012 in Köln gegen die deutsche Abschiebepolitik
Протести на Рајна против политиката за азил на ГерманијаФотографија: DW/F.Taube

Името и возраста А. не сака да си ги прочита во весник. Тој премолчува и каде во Германија се наоѓа неговото прифатилиште. Единствено признава дека тоа не е Келн. Причина за ваквата воздржаност е обврската која ја пропишуваат германските власти, според која азилантите не смеат да го напуштат местото каде се регистрирани. Да мине викенд во Берлин или Минхен, за А. е незамисливо, оти во поинаков случај ризикува да биде протеран: „На луѓето им се вели: Вие не смеете да го напуштите овој регион. Тоа е како живот во затвор“. Исто така и патувањето во Келн за него е ризик. Меѓутоа тој ризик се исплати поради можноста да протестира.

Околу 30.000 баратели на азил годишно

Мариа Сопала е една од оние кои го подигнаа „No Border Camp“ кампот. Целта е да се привлече вниманието на јавноста за состојбата на барателите на азил. „Секогаш многу размислуваме за нашата ’бела’ позиција. Јас како бела Германка ја уживам слободата на движење. Можам слободно да одлучам да патувам, да водам слободен живот. За многу луѓе тоа не е реалност“, вели Сопала. „Меѓу нив се вбројуваат луѓе кои немаат осигуран престој, кои сакале или морале да ги напуштат нивните земји“.

No Border Camp 2012 in Köln gegen die deutsche Abschiebepolitik
Мариа СопалаФотографија: DW/F.Taube

Околу 30.000 луѓе годишно доаѓаат во Германија и поднесуваат барање за азил. Додека да биде завршена постапката по барањето, честопати минуваат повеќе месеци. Време на неизвесност за барателите. Мариа Сопала за судбинаа на овие луѓе вели: „Нивните борби се секојдневни борби: Каде да добијам нешто за јадење? Како да добија продолжување на статусот: толериран? Како да успеам да ми биде прифатено барањето за азил? Сите се обидуваат да се однесуваат колку што е можно понеупадливо“.

Протести и воркшопови

Само малкумина успеваат да добијат статус на азилант. Сите други принудно се враќаат во нивните татковини - најчесто со авион. Протестот преку кампот „No Border Camp“ не случајно се одржува во рајнската област. „Централна тема се групните протерувања преку аеродромот во Диселдорф“, вели Сопала. „Од Диселдорф се протеруваат пред се’ Синти и Роми во Србија или на Косово“. Учесниците во кампот затоа планираат од Келн неколкупати да заминат на аеродромот во Диселдорф за да го свртат вниманието.

No Border Camp 2012 in Köln gegen die deutsche Abschiebepolitik
Протести на Рајна против политиката за азил на ГерманијаФотографија: DW/F.Taube

На воркшоповите учеснциите неделава ќе бараат решенија, како може да се подобри животот на барателите на азил во Германија и во ЕУ. Но, и покрај сета сериозност, забавата не смее да изостане: На викендот се планира културна програма и концерти.