1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

191009 Jugend Schlankheitswahn

8 ноември 2009

Две третини од сите девојки во Германија држат диети во времето на пубертетот, а дури 30% од средношколките имаат симптоми на пореметување на навиките за исхрана.

https://p.dw.com/p/KPpY
Погрешен идеал за младитеФотографија: picture-alliance / dpa

До овие резултати дојде научното истражување што го спроведе Универзитетот на градот Јена. Студијата покажува дека состојбата и понатаму се влошува, бидејќи бројот девојки и момчиња со вакви проблеми е во натамошен пораст, а возраста во која што ги снаоѓаат е се’ помлада.

Причините за пореметувањата на навиките за исхрана и со тоа и претераната слабост или пак нездрава гојазност се разни, велат експертите. Еден од нив е секако идеалот на тенки манекенки, што го форсираат медиумите во Западниот свет. Во периодот кога девојките допрва ја формираат сликата за себе, тие во голема мера се ориентираат кон она што го наметнува околината и не ретко паѓаат во искушение да не можат да се поднесат себе си, доколку не се во склад со општо прифатениот идеал. Тоа е плодната почва за развој на разни психосоматски пореметувања, меѓу кои најчеста е анорексијата. За да го одбегне ваквото непосакувано влијание врз младата генерација, најчитаното списание за жени во Германија „Бригите“ реши од почетокот на наредната година воопшто да не објавува слики на манекенки, туку најновите модни трендови да ги прикажува со „нормални жени“.

„Мораш добро да изгледаш“

Кира Леман и Сандра Херцог се пријателки. Обете имаат по 15 години. И за едната и за другата добриот изглед игра важна улога - впрочем како и за сите нивни врснички. „Важно е добро да изгледаш, бидејќи во спротивно може да ти се случи другите да те исмеваат, па дури и да станеш жртва на мобинг. Кај нас на училиште е многу важно да им бидеш пријател на оние кои имаат улога на предводници. Дури и ако си дебела, во тој случај сепак не е страшно. Но, ако си маргиналец што би се рекло, ако воопшто не водиш сметка за дотерувањето и воопшто за твојот изглед, па згора на тоа уште си дебела - е, тогаш тоа е страшно. Тогаш може да те малтретираат...“, раскажува 15-годишната Кира.

15.04.2009 DW TV Fit und Gesund Magersuecht 2
Фотографија: DW-TV

„Човек би требало стилски да се облекува, а не да оди наоколу како просјак. А и во базен воопшто не е ’кул’ ако си дебел и мораш да облечеш бикини“, вели пак Сандра.

Иако обете имаат исти претстави за тоа како треба да изгледаат, сепак двете пријателки битно се разликуваат во ставот кон сопственото тело. Кира се чини дека ја прифаќа сопствената фигура, не се грчи околу секоја калорија што ја внесува во себе и затоа зрачи здрава самосвест. Таа не е оптоварена со секој грам што е отповеќе на нејзиното тело - секако во споредба со супер-тенките манекенки од списанијата и од ТВ спотовите. За разлика од неа, Сандра не се чувствува добро во сопствената кожа, иако - мора да се каже - воопшто не е дебела. „Да, па би сакала да бидам малку послаба, барем пет килограми. Така ќе можам да носам разни видови облека, а при тоа тоа да не изгледа одвратно. Затоа одам и во фитнес-студио, не јадам повеќе толку многу...“, вели Сандра.

Диета и спорт

Нејзиното животно мото така стана: помалку храна, а повеќе спорт. Тоа само по себе не е спорно. Прашање е само дали Сандра ќе успее да ја задржи здравата мера во настојувањето да биде позгодна и попривлечна за спротивниот пол. Експертите предупредуваат дека станува збор за многу лизгав терен, бидејќи за младите девојки во пубертет привлечноста, а со тоа и надворешниот изглед и килажата, се претвораат во најважна мерка за сопствената вредност воопшто како човек. Затоа се случува и да не забележат кога навлегуваат во патолошко подрачје.

15.04.2009 DW TV Fit und Gesund Magersuecht 1
Фотографија: DW-TV

Таков е случајот на 20-годишната Катја Шерер. Кај неа ситуацијата отишла до таму, што сега лежи во болница поради проблемите со анорексија: „Долго време воопшто не бев свесна за ситуацијата. Ми беше јасно дека сум ослабела, ама јас и сакав да ослабам. Дури пред крај, кога веќе станав премногу слаба, дури тогаш ми стана јасно дека нешто не е во ред, дека нешто во мене се осамостоило и го немам повеќе под контрола“, објаснува Катја.

Кревки структури

Дали диетата ќе се претвори во патолошка слабост се’ до анорексија, тоа зависи од многу фактори. Меѓу другото важна улога игра биолошката подлога, како и можните проблеми во психичкото созревање на младите жени. Пресудно влијание може понекогаш да одиграат и надворешни елементи како кризи во семејството, развод на бракот на родителите во тој чувствителен период од развојот на младите, тешкотии во учењето или други проблеми на училиште.

Што е поголем притисокот врз младите и се’ уште кревки душевни структури, кои се трудат да бидат силни и самостојни, тоа поголеми се шансите да дојде до патолошки развој, појаснува Кармен Блашке, лекар по психосоматска медицина: „Желбата на младите жени да бидат слаби доаѓа од обидот да му се прилагодат на идеалот што во нашиот Западен свет потекнува од 60-тите години на 20-тиот век. Тие се обидуваат да бидат што поблиску до овој идеал, што постојано ги бомбардира од медиумите. Целта е да добијат потврда за сопствената вредност, да бидат што е можно повеќе ценети и сакани. Во пубертетот сопствената вредност се дефинира пред се’ преку надворешниот изглед.“

Доминација на западниот модел

При тоа мора да се каже дека западниот модел на убавина воопшто не е прифатен низ целиот свет. Привлечноста на жените во арапскиот свет, на пример, се дефинира на поинаков начин, пред се’ со позаоблени колкови. Но, и тоа постепено се менува преку процесот на глобализација, во кој се’ повеќе доминираат вредностите на Западниот свет.

Coverbild Brigitte
Првото издание на „Бригите“ во 1954 и 60 години подоцна: најчитаното женско списание во ГерманијаФотографија: GRUNER+JAHR, BRIGITTE

Токму во богатите индустриски земји во меѓувреме се јавува отпор. Така неодамна шефицата на британското издание на модното списание „Вог“ го крена гласот против топ-дизајнерите кои и понатаму креираат модели пред се’ за многу тенки манекенки. А на свој начин одреагира и водечкото германско списание за жени „Бригите“, кое објави дека во идинина не само што нема да објавува фотографии на супер-тенки манекенки, туку ќе ангажира жени од секојдневниот живот како модели. Главниот уредник на „Бригите“, Андреас Леберт, порачува: „Постои незадоволство поради трендот што владее меѓу манекенките. Тие едноставно стануваат се’ потенки и потенки. Овој отпор и незадоволство не се јавува само кај нормалните жени, туку и во модната бранша. Веќе никој не знае до каде ќе оди тој тренд на слабеење кај манекенките. Затоа сега решивме дека манекенките едноставно ќе исчезнат од магазините - барем од нашиот!“

„Нормални манекенки“

Die neuesten Trends in der Frisurenmode zeigen Modells
Не мора да бидат „исушени“Фотографија: AP

За Кира и Сандра ова е добра вест. „Сметам дека така е подобро, бидејќи сега на кастинг за манекенка може да се појави и некоја пополна жена. И тогаш и читателите ќе се чувствуваат подобро кога ќе гледаат такви слики во списанијата, кога ќе видат дека и тоа е нормално. Инаку, кога ги гледаме само оние супер тенки манекенки, си мислиме дека ние не сме нормални“, објаснува Кира.

Тоа не значи дека автоматски ќе бидат надминати сите проблеми со анорексија и други пореметувања во исхраната на девојките и момчињата во пубертет. Но, можеби сепак ќе им биде полесно да изградат здрава самосвест кога ќе гледаат модели со нормални жени од секојдневието. Впрочем и експертите тврдат дека здравата самосвест и прифаќањето на сопственото тело какво што е, се клучни како профилакса против сите видови пореметувања на исхраната.

Автор: Улрике Хумел / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска