1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протест на Србија пред ОН

Фабијан Шмит 23 септември 2008

Владата на Србија се надева дека на 63-то заседание на Генералното собрание на ОН ќе добие зелено светло за меѓународно-правно оспорување на независноста на Косово.

https://p.dw.com/p/FNCD
Сецесијата на Косово пред Меѓународниот суд?Фотографија: picture-alliance/ dpa

Србија ќе побара Генералното собрание да му наложи на Меѓународниот суд за правдата во Ден Хаг да покрене постапка за преиспитување на тоа дали признавањето на Косово од страна на голем број западни земји било во согласност со меѓународното право. Меѓутоа досега сеуште е најасно дали судот воопшто може да го реши ова прашање.

Потребно е просто мнозинство

За да ја оствари својата намера на српската влада и се потребни најмалку 97 гласа-односно просто мнозинство во Генералното собрание на ОН. Само така тоа може да го овласти Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг да покрене постапка за преиспитување на прашањето: Дали прогласувањето на независноста на Косово било легално од меѓународно-правен аспект.

Предност или лоши изгледи за Србија?

Изгледите оваа намера на Србија да се оствари меѓутоа не се добри-смета Кристијан Томушат, професор по меѓународно право на универзитетот Хумболт во Берлин: „Можам да си преставам дека многу земји немаат интерес, прашањето да се донесе пред Меѓународниот суд на правдата. Исто така сметам дека и Русите поради целата афера со Грузија немаат интерес, такви прашања судски да се разјаснуваат.“

Но дури и предлогот на Белград да не успее да обезбеди просто мнозинство, властите во Србија притоа нема што да загубат-смета Франц Лотар Алтман, експерт за Балканот од Минхен „Тоа за Србија во секој случај е добитна ситуација. Српските власти на внатрешно политички можат да кажат: Се обидовме да направиме се’ што беше можно, но јасно е дека државите кои веќе го имаат признаено Косово, не можат повеќе да ја повлечат таа одлука. Значи за Србија ниту едно решение не е поврзано со негативно очекување.“

Ако добие налог судот ќе отвори постапка

Доколку пак Маѓународниот суд на правдата наспроти очекувањата добие налог да започне постапка, професорот Томушат смета дека судот ќе го прифати тоа. Имено судот досега никогаш не одбил да покрене постапка и во други политички контроверзни случаи „Кога Генералното собрание на ОН сакаше да знае нешто околу изградбата на израелскиот заштитен ѕид кон палестинските територии, тогаш многу земји побараа од Меѓународниот суд на правдата да ја отфрли постапката. Тоа судот не го стори и тоа би го направил само поради навистина битни причини.“

Ако Генералното собрание го постави прашањето околу меѓународно-правната издржаност на сецесијата на Косово, Судот во Хаг би можел да се изјасни за тоа „Нема правни прашања, кои би можеле да бидат надвор од јурисдикцијата на судот. Тој може да се изјаснува за сите правни прашања - но се разбира не за политички прашања. “- смета професорот Томушат.