1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протест за поништување на претседателските избори во Црна Гора

Александар Методијев/миа/бета20 април 2013

Над пет илјади приврзаници на претседателскиот кандидат Миодраг Лекиќ денеска излегоа на протест во црногорскиот главен град Подгорица барајќи поништување на изборите од 7 април и распишување нови претседателски избори.

https://p.dw.com/p/18Jx7
Фотографија: SAVO PRELEVIC/AFP/GettyImages

Демонстрантите скандираа: „Крадци“ и носеа антивладини транспаренти. Протестот се одржа пред претседателството во центарот на Подгорица под голема полициска заштита. Полицијата соопшти дека на протестниот собир имало околу пет илјади луѓе. Некои од црногорските медиуми во оценката на собирот рекоа дека се пристигнати „најмалку 10.000“ луѓе и дека се очекуваат „неколкупати повеќе“. Протестот беше мирен и траеше час и половина. Демонстрантите носеа транспаренти „Лекиќ - нов претседател“, „Одбрана на нашата победа, одбрана на Црна Гора“ и „Ние не сакаме окови“.

Да денешниот собир беше прочитано барање Собранието на Црна Гора да донесе посебен закон со кој претседателските избори, одржани на седми април, ќе бидат прогласени за неважечки. Потоа, како што е побарано, би требале да се распишат нови претседателски извори.

Filip Vujanovic und Miodrag Lekic
Филип Вујановиќ (лево) и Миодраг Лекиќ (десно)Фотографија: Reuters

Според податоците на изборниот штаб на Миодраг Лекиќ тој на изборите добил 50,5 проценти од гласовите, додека за досегашниот претседател Филип Вујановиќ гласале 49,5 отсто. Државната изборна комисија објави дека Вујановиќ добил 51,21 процент од гласовите, а за независниот кандидат Миодраг Лекиќ гласале 48,79 отсто од гласачите.

Лекиќ на протесниот собир рече дека размислувал да го признае изборниот резултат, но дека сепак смета оти на тоа нема право. „На изборите не сум ограбен само јас“, рече тој на протестниот митинг во Подгорица.

Претходно, во најавата на денешниот протест, тој рече дека демонстрацијата ќе биде „надпартиски и граѓански“ собир, но и покрај таквите најави на бината беа присутни лидерите и пратениците од опозицијата. Организатор на протестите е Демократскиот фронт, предводен од Лекиќ, во соработка со опозициската Социјалистичка народна партија и Позитивна Црна Гора.