1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести против прислушувањето на АП

БГ/миа16 мај 2013

Над 50 американски медиумски организации протестираа против конфискувањето на податоци за телефонски разговори на соработници на агенцијата Асошиетед прес од страна на Министерството за правда на САД.

https://p.dw.com/p/18Yqi
Фотографија: picture-alliance/dpa

Операцијата за конфискација која ја презеде американското министерство за правда се оценува како постапка без преседан и прекумерна мерка. Во отворено писмо до Министерството за правда  медиумите наведуваат дека конфискувањето „под прашање ја става чесноста на практиките на министерството кон медиумите и неговата способност да најде баланс меѓу своите надлежности за заштита на правата и правата на медиумите и јавното мнение, како што се формулирани во Првиот амандман на Уставот", што ја гарантира слободата на печатот.

Откако Министерството за правда пред 30 години објави наредби за овие практики на конфискување на снимки на телефонски разговори на новинари, „никој не памети толкава прекумерна конфискација со цел да се добијат  информации“, се наведува во писмото. Писмото е испратено од име на Комитетот на репортерите за слобода на печатот, а меѓу потписниците се Дау Џоунс, „Њујорк тајмс“, „Тајм“, „Вашингтон пост“, Си Ен Ен“ и издавачкиот концерн „Ганет“. Администрацијата на претседателот Обама во вторникот конфиксувањето го оцени како апсолутно непотребна  ситуација, која „Американците ги доведува во опасност“. Министерот за правда Ерик Холдер изјави дека станува збор за едно од „најсериозните протекувања на информации“", што го видел во својата кариера и тоа ја принудило владата да пристапи кон конфискацијата на телефонските снимки во 2012 година. Според американски медиуми, наредбата за  конфискација дошла поради загриженост од текст за „операција на ЦИА во Јемен, која во текот на пролетта 2012 година осуетила заговор на Ал Каеда за активирање на бомба во авион што летал кон САД“.