1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести по масакрот врз цивилите во Авганистан

13 март 2012

Авганистанска владина делегација е нападната додека го посетувала местото на кое во неделата американски војник уби 16 цивили. Во исто време, во Џалалабад се случија првите улични протести против инцидентот од неделата.

https://p.dw.com/p/14Jjl
Фотографија: Reuters

Во владината делегација нема повредени, но членовите морале да ја скратат својата посета на едно од двете села во кои се случи убиството на цивилите. Пукано е од неколку страни и од дистанца, од областа Панџваји во провинцијата Кандахар, додека државните функционери зборувале со семејствата на загинатите. Во делегацијата биле и двајца од браќата на претседателот Хамид Карзаи, како и високи безбедносни функционери. Се верува дека зад нападот стојат Талибанците.

Во исто време, стотици студенти излегоа на улиците во градот Џалалабад, на истокот од Авганистан, во знак на протест за убиството на 16 цивили, извршено од американски војник. Во првите улични протести, по масовното убиство од неделата, околу 400 демонстранти извикуваа „смрт на Америка – смрт на Обама“ и побараа војникот да биде јавно суден во Авганистан.

„Џихадот (Светата војна, н.з.) е единствениот начин да се извадат Американците – освојувачи надвор од Авганистан“, беше прочитано од еден плакат, пред демонстрантите мирно да се разидат по двочасовно протестирање.

Автор: Александар Методијев /АТ/афп/ап

Редактор: Симе Недевски