Протести во Русија
31 јануари 2009Повеќе десетици илјади демонстранти денеска во цела Русија излегоа на улични протести. Едните го славеа добриот кризен менаџмент на владата, другите протестираат поради економската криза и бараа оставка на премиерот, Владимир Путин.
Руската телевизија, главно известуваше за масовните манифестации на владејачката партија „Единствена Русија“. Критички настроените медиуми известуваат и за протестите на опозицијата во целата земја. Комунистите, борците за човекови права и приврзаниците на опозициониот сојуз „Друга Русија“ ја критикуваа владината политика. Многумина се незадоволни со растечките цени и зголемените животни трошоци, рубљата веќе со недели ја губи вредноста, а невработеноста во земјата расте.
За време на демонстрациите, полицијата беше видно присутна. Повеќе од 5.000 полицајци во Москва се обидоа да ги спречат протестите кои претходно не беа одобрени. Повеќе демонстранти се уапсени, меѓу другите и основачот на забранетата Национална болшевистичка партија, Едвард Лимонов.