Протести во Приштина
27 мај 2013Осомничените бивши команданти на ОВК се товарат за злоставување цивили во притворски центар на ОВК, а против едно лице е покрената истрага за убиство на еден цивил. Меѓу осомничените се и амбасадорот на Косово во Албанија Суљејман Сељими, пратеникот во косовскиот парламент Фадиљ Демаку и претседателот на општина Србица Сами Љуштаку.
Демонстрантите во Приштина денеска носеа слики на осомничените и извикуваа пароли против мисијата Еулекс, која го води процесот. Некогашниот политички претставник на ОВК Адем Демачи, кој зборуваше на протестот, рече дека од Еулекс се очекувало да помогне во решавање на злосторствата коишто ги извршиле луѓе од Србија. „Но не очекувавме ослободителите да ги претворат во воени злосторници“, рече Демачи и го повика Еулекс да внимава кого го прогласува за криминалец.