1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Грција против отпуштањата во јавниот сектор

АТ/ миа/ дпа15 јули 2013

Од протест против планираните масовни отпуштања во јавниот сектор во Грција денеска започна тридневен штрајк. Парламентот во среда треба да се изјасни за новиот пакет мерки од кои зависи и следната транша помош.

https://p.dw.com/p/197i0
Фотографија: LOUISA GOULIAMAKI/AFP/Getty Images

Од денеска (15.07.) до среда општинските служби во Грција ќе бидат затворени во знак на протест против предвидените намалувања на работните места во државниот сектор. Вработените во локалната власт поради овие кратења планираат протести и во другите поголеми градови во Грција.

Кулминацијата на протестите се очекува утре, за кога е планиран 24-часовен штрајк, свикан од двата синдиката, кои ги обединуваат вработените во приватниот и државниот сектор. За утре е закажан и протестен митинг во центарот на Атина.

Педагозите и наставниците исто така ќе излезат на протести, а најавено е и учество на вработените во државните болници, кои исто така се засегнати од кратењата. Проблеми со очекуваат во железничкиот сообраќај поради учеството на федерацијата на железничарите во генералниот штрајк, објавена од двата синдиката за утре.

Грција имено доби тримесечно одложување од тројката меѓународни кредитори (Европската унија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд) за ставањето на 12.500 вработени во буџетскиот сектор во т.н. „шема на мобилност“, што значи дека тие имаат рок од осум месеци за да пронајдат работа или ќе бидат отпуштени. Грција овие кратења требаше да ги спроведе до јуни. 

Проба за коалицијата на Самарас и Венизелос

Гласањето на пакетот закони кои предвидуваат ревизии во државниот сектор, нов даночен кодекс и други промени во замена за продолжување на финансирањето на земјата од меѓународните кредитори, ќе се одржи во среда, за кога е планиран и протестниот марш пред грчкиот Парламент. Само на тој начин земјата може да ја добие следната транаша од меѓународните донатори во висина од 2,5 милијарди евра до крајот на јули.

Antonis Samaras / Evangelos Venizelos / Griechenland
Фотографија: Reuters

Одобрувањето на мерките се смета за проба за коалиционата влада на премиерот Андонис Самарас и вицепремиерот Евангелос Венизелос. Владината коалиција имено има тесно мнозинство во 155 пратеници од 300 народни избраници во парламентот во Атина.