1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Боливија против репресиите врз Индијанците

Zana Aceska29 септември 2011

Десетици илјади луѓе протестираа во Боливија, а најголемата синдикална федерација прогласи генерален штрајк поради репресиите врз походот на Индијанците, кои не сакаат автопат да минува преку нивната земја во Амазонија.

https://p.dw.com/p/12inZ
Боливијците протестираат против употреба на сила кон ИндијанцитеФотографија: AP

Охрабрени од сенародната поддршка, Индијанците вчера (28.09) соопштија дека ќе го продолжат својот поход кон главниот град Ла Паз, и покрај бруталноста на полицијата, која нападна нивни камп во текот на викендот, употребувајќи солзавец и за кратко време уапси стотици демонстранти.

Походот на сиромашните Индијанци против изградбата на автопатот, финансиран од Бразил, е проблем за претседателот Ево Моралес - првиот боливиски лидер со индијански корени, кој своевремено, исто така, предводел многу антивладини протести. Во меѓувреме, Моралес го стопираше проектот, поради кој оставки поднесоа министрите за внатрешни работи и за одбрана. 

„Има расцеп меѓу владата и неговата база за поддршка, што под прашање ја става и неговата легитимност“, изјави политикологот Хорхе Лазарте. „За прв пат ги слушаме луѓето гласно да викаат дека оваа влада треба да си замине“, додаде тој.

Иако популарноста му опадна под 40 проценти, Моралес засега нема алтернатива. Опозицијата е слаба и разединета и ниту една од главните политички групи не ја побара оставката на претседателот, истакнуваат агенциите.

Автор: ЖА/ЕМФ/миа/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска