1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестите против САД не стивнуваат

БГ/ртр/дв14 септември 2012

Протестите пред дипломатските претставништва на САД во арапскиот свет не стивнуваат. Во вчерашните демонстрации во повеќе земји повредени се голем број луѓе.

https://p.dw.com/p/168le
Фотографија: Reuters

Либиските власти соопштија дека уапсиле четири лица кои се осомничени дека учествувале во нападот врз американскиот конзулат во Бенгази во кој загинаа четворица службеници на Стејт Департментот, меѓу нив и американскиот амбасадор во земјата.

Во САД, претседателот Барак Обама соочен со нова надворешно-политичка криза на два месеци пред изборите, порача дека одговорните за нападот во Бенгази ќе бидат пронајдени. Американските официјални лица се’ се поблиску до теоријата дека зад нападот најверојатно стојат припадници на северно-африканскиот огранок на Ал Каеда. Според непотврдени информации, либиските власти меѓу напаѓачите идентификувале припадници на милитантната група Ансар ал Шариа која е блиску до Ал Каеда. Можно е дел од напаѓачите претходно да биле тренирани во камп во близина на египетската граница.

Медицински извори во меѓувреме потврдија дека американскиот амбасадор Кристофер Стивенс починал од задушување, додека двајца припадници на специјалните единици загинале кога нивниот хеликоптер бил погоден од граната.

Поводот за протестите беше прикажувањето на аматерски филм на интернет, во кој се навредува муслиманскиот пророк Мухамед.

Државната секретарка Хилари Клинтон уште еднаш се дистанцираше и ја осуди содржината на филмот.

Bildergalerie antiamerikanische Stimmung Nahost Kairo
Протести во КаироФотографија: Reuters

„САД немаат ништо со овој филм. За нас и за мене лично, тоа видео е одвратно“, рече Клинтон дополнувајќи дека за властите било невозможно да го спречат објавувањето на видеото поради слободата на говорот.

Протестите се шират

Протестите вчера се проширија во повеќе земји. Во Јемен, стотици демонстранти успеаја да го пробијат кордонот полиција и да влезат во предворјето на американската амбасада во Сана. Четири лица загинале, а десетици се повредени во судирите со полицијата.

Во Египет, протестите продолжија и синоќа пред амбасадата во Каиро, а во судирите биле повредени десетина луѓе.

Протести имало и во Кувајт, Бахреин, Иран, Тунис, Мароко, Бангладеш и Судан. Нови демонстрации се закажани за денеска веднаш по петочната молитва во бројни муслимански земји.

Во меѓувреме, Белата Куќа одлучи да испрати два разурнувачи во водите на Средоземното море, во близина на либискиот брег, а во земјата е стационар и анти-терористички тим составен од воени командоси. Оттаму потегот го објаснуваат како дополнителна флексибилност за идни акции.